Ватикан ретерира по спорната изјава на папата за Украина
12 март 2024Прв услов за преговори меѓу Украина и Русија за завршување на војната е Русија да ја запре својата агресија, истакна заменикот на папата Франциско, кардинал Пјетро Паролин во интервјуто кое денеска го објавува весникот „Кориере дела Сера.“. Ватикан инсистира на постигнување примирје, „но во прв план агресорите треба да прекинат со огнот“, изјави кардиналот.
Кардиналот Паролин меѓутоа истакнува дека мир може да биде постигнат само со напори на двете страни. Заменикот на папата освен тоа ја изразува загриженоста на Ватикан од проширување на украинската војна, што би донесло уште повеќе смрт и уништување, како и опасноста од атомска ескалација. Токму затоа Светата столица притиска за преговори, подвлекува кардиналот Паролин.
Папата Франциско на Украина и` препорача да собере храброст и да истакне „бело знаме“ и да поведе преговори со Русија за постигнување крај на војната.
„Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, рече папата во интервју за една швајцарска телевизија.
Папата не ги спомна експлицитно двете спротивставени страни, не ги употреби зборовите „Украина“ и „Русија“, но додаде дека без преговори ситуацијата може да стане уште полоша и истакна дека поради оваа причина не треба да се срамат од преговори.
Украинското Министерство за надворешни работи во понеделникот го повикало на разговор папскиот пратеник за да му ја изрази својата разочараност од изјавите на папата Франциско.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го отфрли апелот на папата: Црквата треба да е кај луѓето, а не две и пол илјади километри оддалечена, некаде таму, за виртуелно да посредува меѓу некој кој сака да живее и некој кој сака да те уништи, рече Зеленски во неговата вечерна видео порака.
„Нашето знаме е жолто и сино“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во неделата на платформата Х, алудирајќи на боите на украинското знаме. „Тоа е знамето под кое живееме, умираме и победуваме. Никогаш нема да истакнеме друго знаме“.