Хабек тврди дека германската влада е способна за работа
7 ноември 2024Вицеканцеларот и министер за економија и заштита на климата Роберт Хабек е уверен дека и покрај крајот на владеачката „семафор“-коалиција, владата во Берлин е способна за работа. И по прекинот со министрите од либералната ФДП, владата може „добро да продолжи“ со работа, изјави Хабек изутринава за радиото Дојчландфунк. Тој, сепак, признава дека е тешка хипотека фактот што владата нема донесено буџет за наредната година. Според него, во буџетот има дупка од 5 до 7 милијарди евра.
Хабек нагласи дека не стреми кон тоа во периодот до нови избори да ја извршува задача на министер за финансии, на местото на вчера (6.11) отпуштениот Кристијан Линднер. Тој смета дека канцеларот Олаф Шолц по отпуштањето на Линднер ќе постави свој човек од доверба за негов наследник.
Канцеларот Шолц вчеравечер го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) поради спорот во врска со буџетската и економската политика и најави дека ќе постави прашање за доверба во Бундестагот на 15 јануари наредната година. До крајот на март 2025 година би требало да се одржат и нови избори, најави канцеларот. Дотогаш тој има намера да владее со малцинска влада.