Пред неколку години (2016-2017) во Германија започна долгорочен научен проект на асоцијацијата „Различност“ (AG Diversität) во соработка со Институтот за истражувања на медиумите на универзитетот во Росток. Проектот во неколку студии ја документираше „видливоста“ на жените во медиумската и литературната бранша. Неговиот повеќезначен наслов, ,„Жените бројат“ (FrauenZählen"), укажува дека целта не е само „видливоста“ да се пресмета во бројки и проценти, туку да се истакне и значењето на поголемата застапеност на жените во овие сфери. Имено, изразот „FrauenZählen" во германскиот јазик ја има и преносната смисла: „жените се важни“. Во асоцијацијата „Различност“ учествуваше германскиот ПЕН-центар, Друштвото на германските писателки и писатели при германскиот синдикат, како и неколку други здруженија на авторки и автори. Истражувачите, членови на овие здруженија, во проектот учествуваа доброволно.
Рецензентите ги преферираат авторите
Првите резултати по две години покажаа дека „видливоста“ на жените во германските медиуми и литературни институции е значително помала од таа на мажите. Во сите медиуми, освен во женските списанија, на мажите им се доделува многу почесто и многу повеќе внимание во рецензиите. Притоа, две третини од претставените книги се напишани од мажи. Мажите пишуваат рецензии најчесто за автори. Жените пишуваат рецензии подеднакво за авторките и за авторите. Од 5 рецензии на мажите-критичари само една книга е од авторка.Овој сооднос важи за сите литературни жанрови. Во жанрот на криминалниот роман 76% од рецензиите се посветени на авторите, притоа 86% од рецензентите порадо рецензираат „кримичи“ напишани од мажи. Освен тоа, на рецензиите за книгите на авторите рецензентите обично им доделуваат поголем простор, за разлика од тие на авторките.Така е и во германските телевизии, каде рецензиите на книгите од жени во просек траат 580 секунди, а оние на книгите од мажи 931 секунда. Во емисиите на радиото жените се појавуваат поретко, но затоа говорат подолго.Поусогласен е соодносот на рецензиите за литературата за деца и младинци. Се прашувам, дали тоа е затоа што за тој вид литература во фамилиите повеќе се интересираат мајките? Како и да е, проектот покажа дека во двата жанра, кои се сметаат како „интелектуално“ привлечни за мажите, научните дела и криминалните романи, рецензентите ги преферираат авторите.
-повеќе од авторката: Зимите во Скопје во шеесеттите
Не е поинаква сликата ниту кај наградите за литература во Германија. Тоа што една од најпознатите награди за литература се доделува во спомен на писателката Ингеборг Бахман, не значи автоматски дека жените се позастепени меѓу наградените или дури само меѓу номинираните. Затоа што секој член или членка на жирито номинира автор или авторка по свој избор, а во првите децении откако постои наградата (1977) во жирито доминираа мажи, тие најчесто номинираа мажи. Во последните две децении состојбата е покоректна и во однос на членовите на жирито и во однос на номинираните писателки и писатели. По 2012 најмалку од половната номинирани се авторки. Еден познат германски издавач, запрашан во едно интервју што мисли за резултатите од овој проект, одговори дека нему отсекогаш му било јасно дека, за жал, жените во литературната бранша не се „праведно“ застапени, но зарем затоа сега треба еден период да се објавуваат само авторки, за да се намали предноста на мажите? Соговорничката, самата писателка, одговори со против-прашањето: а зошто не?
Македонски искуства
Ако еднаквоста меѓу мажите и жените во медиумската и литературната бранша уште не е остварена во целост дури и во култури со долга литературна традиција како Германија, тогаш колку време ќе треба да измине за подеднаква „видливост“ на жените и во македонската медиумска и литературна бранша? Мојот впечаток е дека, за да биде еден ден поставено ова прашање, треба претходно во македонската културна и медиумска јавност да созрее свеста за посебноста на жените што пишуваат. Посебноста на писателките, на романописателките. Тие во медиумите уште се именуваат „жена-писател“. Притоа изненадува кога самите писателки се нарекуваат „жена-писател“. Во исто време кога нивните машки колеги се само писатели. За да им стане јасна неприродноста на синтагмата „жена-писател“ (иако одамна постои именката писателка) тие треба барем еднаш својот машки колега да го наречат „маж-писател“.
-повеќе од авторката: Кога зборовите заминуваат во туѓина
Именките секогаш ја раскажуваат историската приказна на субјектот што го означуваат. Тие се сведоштво за одредено искуство во една култура и народ. Секој би се зачудил кога за кралица би се вовел изразот „жена-крал“. Затоа што кралеви и кралици постојат со векови, нели? Се разбира, историјата на зборовите е длабоко поврзана и со историјата на говорителите на еден јазик. Македонските писателки немаат долга историја во писателскиот занает и во литературната бранша. Иако историјата бележи неколку женски имиња уште во периодот пред кодификацијата на литературниот јазик. Затоа долго време именката писател владееше како единствена формула за именување на луѓето чија професија е пишувањето. Писател беше ексклузивно машка титула, слична на мајстор. Иако и именката мајстор одамна има македонски феминатив – мајсторка. Изразот „жена-писател“ сугерира дека жените само ја играат улогата на мажот писател. Притоа е јасно дека името не е само професионална ознака. Тоа е и јазичен израз на родовата посебност на личноста. Женскиот род на именката со која се именува жената е нејзиното родово право. Тоа право е неприкосновено и за жените што пишуваат - македонските писателки.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.