Се бара отчет како Онишченко добил македонски пасош
14 ноември 2022Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски е повикан в среда на седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ да објасни како Украинецот, Александр Онишченко ги поминал безбедносните проверки и добил македонско државјанство.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов вели дека свикал итна седница со само една точка на дневен ред: „Улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Александр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство”.
„Или со други зборови, директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“, вели Пренџов во објава на социјалните мрежи.
Седницата е закажана за 16 ноември, во 12 часот.
Случајот беше обелоденет во петокот. Порталот Призма објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Александр Онишченко, кој е на листата на санкции на САД.
Како го поминал филтерот на македонските институции?
Отчет од Димовски ќе бара и Владата. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека веќе побарал извештај од дел од институциите за тоа како е спроведена процедурата за на украинскиот политичар Онишченко да му се додели македонско државјанство во мај годинава.
„Владата носи одлуки врз основа на мислења од страна на иснтитуции кои учестуваат во носење на некоја одлука. При носењето на државјанството на Онишченко беа доставени сите позитивни мислења од сите институции кои за тоа требало да го дадат тоа мислење. Врз основа на тоа мислење министрите го кажуваат своето позитивно или негативно мислење. Во овој случај со оглед на тоа дека сите документи се со позитивни мислења од сите институции, донесено е и позитивно решение“, дециден е премиерот.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, четири институции дале позитивно мислење да му се даде државјанство на Онишченко.
„Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институции се позитивни“, рече Спасовски. Позитивно мислење за добивање државјанство во конкретниов случај дале Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Во однос на дилемата дали директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски ќе биде отповикан, бидејќи треба да биде испратен на амбасадорска позиција во Франција, премиерот Ковачевски порача дека одговори за тоа прашање треба да се бараат во Комисијата за надворешни работи која ја води опозицијата.Тој го повика претседателот на Комисијата за надворешни работи да свика седница каде што директорот на АНБ и предложен амбасадор ќе може да даде одговор на сите прашања што ќе му бидат поставени.
Од бегалец до репрезентативец
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови, со што успеал да стане 'македонски репрезентативец во коњички скокови'.
Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него. Како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица.
Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра. Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко. Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара. Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа во 2020 година“.