1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Орбан во ќорсокак

Кено Верзек
30 март 2023

По десет месеци чекање, унгарскиот парламент го одобри влезот на Финска во НАТО, но не и на Шведска. Зошто унгарскиот премиер Виктор Орбан се одлучи на ваква политика на одолговлекување?

https://p.dw.com/p/4PRLl
Унарскиот премиер Виктор Орбан
Унарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Beata Zawrzel/ZUMA/picture alliance

Работите често се движат со молскавична брзина во унгарскиот парламент. Кога на унгарскиот премиер Виктор Орбан му се брза, тој пред своите парламентарци става десетици закони, главно доцна навечер, кои се усвојуваат како на лента. Понекогаш дури и шефот на државата - Каталин Новак- актуелнa претседателка на Унгарија - веднаш ги потпишува за текстот што побрзо да биде објавен во Службен весник.

Но, тоа не е случај со влезот на Финска и на Шведска во НАТО. На унгарскиот парламент не му требаа часови, туку повеќе месеци за да го ратификува членството на овие две земји. Откако планираните гласања беа постојано одложувани, парламентарците во Будимпешта, во понеделникот вечерта, со големо мнозинство гласаа за влезот на Финска во Алијансата. Но не и за Швеѓаните. Не е јасно кога и под кои околности ќе се одржи ова гласање.

Belgien Brüssel | NATO Betrrittsantrag Schweden Finnland
Фотографија: NATO

Унгарија ја игра оваа игра веќе десетина месеци. Заедно со Турција, таа е единствената земја членка на НАТО која организира вакви политички маневри и блокади околу планираниот прием на Финска и на Шведска. Но, за разлика од Турција, која сака да ги натера Финска и Шведска да ги екстрадираат противниците на режимот во Анкара и да заземат поинаков пристап кон ПКК, унгарската влада има далеку помалку опипливи цели. 

Вкрстен оган или зачувување на образот? 

Војната на Русија против Украина ја поништи надворешнополитичката стратегија на Виктор Орбан, пред сѐ водена од економските интереси, која се стреми кон соработка и на Истокот и на Западот. Од една страна, Унгарија стана длабоко зависна од Русија и, во исто време, е една од земјите на Европската унија со најблиски односи со Кина. Од друга страна, таа е под зголемен притисок од НАТО и од ЕУ јасно да се позиционира против Москва. Покрај тоа, долгогодишниот спор со Брисел ја оптоварува економијата во земјата - поради обвинувањата за корупција, ЕУ задржува милијарди субвенции. Така, во оваа ситуација, ставот на Орбан за членството на Финска и на Шведска во НАТО изгледа како очајнички обид да остане во приказната, подигнувајќи ја цената, а и како очајничко препукување за водење на својата земја во сѐ подлабок надворешнополитички ќорсокак.

Виктор Орбан за време на самитот на ЕУ на 23 март 3023 година во Брисел
Виктор Орбан за време на самитот на ЕУ на 23 март 3023 година во БриселФотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance

Сепак, гласањето за Финска сега би можел да биде подеднакво очајнички обид Орбан да покаже дека направил пресврт и да го зачува образот. А, неодамна Унгарија рече дека Финска и Шведска не можат да бидат ратификувани како членки на НАТО сѐ додека политичарите во тие земји даваат невистинити и без почит изјави за состојбата на унгарската демократија. Во случајот со Финска, оваа загриженост одеднаш исчезна - без ниту еден фински политичар јавно да ѝ се извини на Унгарија. Што се однесува до Шведска, кругови во унгарската влада продолжуваат и натаму да велат дека тамошните политичари ги „навредуваат унгарските гласачи и Унгарија“ и дека затоа членството на земјата во НАТО не може толку лесно да се ратификува. 

Советот НАТО-Украина против унгарската волја 

Сега каков е контекстот на оваа политика во детали? Во НАТО, Унгарија долго време се смета за една од најконтроверзните членки поради нејзината блискост со Русија и нејзиниот анти-украински став. Орбан, откако ја презеде власта во 2010 година, има многу блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин. Унгарскиот премиер досега беше крајно внимателен во осудата на руската агресија врз Украина. Унгарија е и единствената земја од НАТО на границата со Украина која не дозволува испорака на оружје на нападната соседна земја преку нејзина територија и која самата не ѝ испорачува оружје. Поради оваа политика, особено страдаа односите на Унгарија со САД - тие се полоши отколку што беа од крајот на социјалистичката диктатура во 1989 година.

Виктор Орбан и Владимир Путин на 1 февруари 2022 година во Москва
Виктор Орбан и Владимир Путин на 1 февруари 2022 година во МоскваФотографија: Sputnik via REUTERS

Унгарија, исто така, со години ги блокира состаноците на Советот НАТО-Украина. Наводна причина: владата на Орбан ја обвинува Украина за угнетување на унгарското малцинство во Задкарпатија и за ограничување на нивните права. Но, блокадата веројатно е и гест кон Москва, од чие снабдување со енергенси Унгарија зависи во голема мера. Меѓутоа, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, сега со еден збор може да ја пробие блокадата на Унгарија: тој најави дека ќе го свика Советот на НАТО-Украина против волјата на Будимпешта - што е негово право како претседавач со воен сојуз. 

Унгарија и „глобалното мнозинство“ 

Унгарија, исто така, се повлече настрана и во Европската унија. Не само што е единствената земја од ЕУ што одбива испораки на оружје за Украина. Таа е и единствената членка која се залага за укинување на антируските санкции, иако Орбан досега неволно гласаше за најголемиот дел од пакетот санкции - исклучоци беа, на пример, планираните санкции против рускиот патријарх Кирил минатата година. Исто така, и во други прилики, Орбан повеќепати испраќаше поздрави за лојалност до Москва: на пример, неговата влада објави дека нема да ја изврши наредбата на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Владимир Путин на територијата на Унгарија; Унгарија, исто така, го блокираше заедничкото соопштение на ЕУ за налогот за апсење.

Шефовите на државите членки на Вишеградската група на 11 октомври 2022 година во Братислава
Шефовите на државите членки на Вишеградската група на 11 октомври 2022 година во БратиславаФотографија: Vaclav Salek/CTK/dpa/picture-alliance

Дури и меѓу таканаречените вишеградски држави, Унгарија сега е сама. Полска, Чешка, Словачка и Унгарија некогаш беа моќен источен глас во ЕУ. Ставот на Унгарија за војната против Украина, исто така, ги скрши последните траги на кохезија меѓу вишеградските држави, па дури и доведе до длабоко отуѓување меѓу Варшава и Будимпешта, кои долго време беа обединети против критиките од Брисел.

Нејасно е дали Виктор Орбан ќе направи пресврт во својата надворешна политика во ваква бурна ситуација. Сѐ почесто се слуша дека Унгарија во принцип би го поддржала членството на Шведска во НАТО. Во недамнешните говори, тој многу нејасно навести за можно вртење од Русија - и го остави отворено. Долго се шпекулираше за посетата на Орбан на Киев.

Меѓутоа, за да не се добие впечаток дека е сѐ поосамен, унгарскиот премиер измисли нов термин: „глобално мнозинство“. Секогаш кога Орбан зазема став кој не го делат другите земји од НАТО и од ЕУ, тој вели дека ставот на Унгарија е на страната на ова „глобално мнозинство“.