1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

„Влада за две недели“ во Полска

ЖА
28 ноември 2023

Иако нема мнозинство, партијата ПиС формира влада. Членовите на кабинетот на Моравјецки положија заклетва пред претседателот Анджеј Дуда во Варшава. Но, новиот кабинет се очекува да трае само следните 14 дена.

https://p.dw.com/p/4ZViG
Полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки Полска
Полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки Фотографија: Leszek Szymanski/PAP/dpa/picture alliance

Пред полскиот претседател Анджеј Дуда положија заклетва членовите на новиот кабинет на претходниот национал-конзервативен  премиер Матеуш Моравјецки,  иако неговата партија ПиС нема владејачко мнозинство во парламентот. Тој е задоволен поради високиот процент на жени и многу помлади членови на кабинетот, рече Дуда на церемонијата во претседателската палата во Варшава при предавањето на уверението за именување на Моравјецки.

На формирањето на  владата на ПиС  се гледа како на чисто политичко шоу. Освен него и министерот за одбрана Мариуш Блашчак, новиот кабинет на Моравјецки не содржи истакнати политичари на ПиС, туку многу претходно непознати лица.

Опозиција: Дуда сака да спречи политички промени

Моравјецки сега треба да поднесе барање за гласање за доверба во парламентот во рок од 14 дена. Сепак, тој нема мнозинство и најверојатно потфатот ќе пропадне. Дури тогаш поранешната опозиција може да формира своја влада. Полските медиуми ја исмеваат „двонеделната влада“ и „детските игри на Моравјецки“.

На парламентарните избори на 15 октомври три проевропски партии од претходната опозиција, предводени од поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск, освоија јасно мнозинство. Веќе е потпишан коалициски договор со поделба на ресорите.

Но, дури и со оглед на овие парламентарни односи, претседателот Дуда, кој и самиот доаѓа од  редовите на ПиС,  му наложи на Моравјецки да формира влада. Опозициските претставници го обвинуваат Дуда дека со недели сака само да ја спречи  политичката промена во земјата.

Туск се залага за проевропски курс

Во Брисел и Берлин постои надеж за  промена на власта во Варшава,  затоа што ПиС беше во постојан конфликт со Комисијата на ЕУ околу нејзините спорни судски реформи. ПиС постојано бараше  репарации од владата во Германија  за Втората светска војна во износи од билиони евра. Туск и неговите колеги, од друга страна, се залагаат за проевропски курс и попомирлива политика кон Германија.