Владата балансира околу балансерот
10 септември 2024Додека премиерот Христијан Мицкоски ги соопштуваше 10-тте принципи во својот говор по повод Денот на независноста, на друга страна министерот за јавна администрација Горан Минчев обзнани дека балансерот, за кој новата власт од првиот ден најавуваше дека ќе го укине и ќе го замени со ново посовремено решение, сепак останува. Дали привремено или трајно, тоа не можеше да се прочита од неговиот одговор.
„Сè додека нема друго законско решение, во сила останува примената на балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор“, рече министерот Горан Минчев во интервју за РСЕ. Минчев во интервјуто појасни дека „останувањето во сила на балансерот не значи дека нема да биде предмет на расправа неговото евентуално укинување“.
Со оглед на категоричните најави дека балансерот ќе биде укинат, најновата изјава изгледа како спуштање на топката или нудење примирје на противникот на оваа идеја – ДУИ. Нервозни тонови имаше и на релацијата меѓу партијата ЗНАМ чиј што член е министерот Минчев и коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН, околу математиката која треба да се примени при одредувањето на процентот на вработени од помалите етнички заедници во јавната администрација.
Минчев аргументираше дека според Законот за вработените во јавниот сектор алатката балансер се применува само за граѓаните кои живеат на територијата на земјава – а не и за оние од дијаспората. Со пресметките на министерот врз основа на процентот на резидентно население во земјава, излезе дека застапеноста на Албанците во администрацијата не треба да биде 29,5 проценти туку 24,3 проценти.
Овие политички математики предизвикаа жестоки реакции кај партиите од албанската етничка заедница. Од ВЛЕН обвинија дека „кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина“. А од ДУИ порачаа дека е тоа поткопување на Охридскиот договор.
ВЛЕН не е категорично против
ВЛЕН тврдат дека не се против укинување на балансерот, туку нивната заложба е во правец на натамошно јакнење на гаранциите дека Албанците ќе имаат пристап до јавните служби. „Ние сметаме дека балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност“, потенцираа во соопштение во јули како одговор на забелешката на министерот Горан Минчев дека треба да ги читаат постојните закони и дека според Законот за вработените во јавниот сектор балансер се применува само за граѓаните кои живеат во земјава.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, по стапувањето на функцијата во јуни 2024 најави дека укинувањето на балансерот ќе се одвива во фази.
„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот - соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, рече тој. Идејата, како што потенцираше, е да се стави крај на давањето предност на етничката припадност наместо на стручноста и квалификациите за работното место.
ВМРО-ДПМНЕ се изјасни за укинувањето на балансерот уште во текот на изборната кампања. Сегашниот премиер Христијан Мицкоски, тогаш во својство на лидер на партијата го истакна ставот дека бришењето на балансерот е и препорака на ЕУ. „Не е тоа наше барање. Тоа е заклучок од извештајот на скрининг процесот каде што самата Европска Унија вели дека треба да се напушти бидејќи ја исполнил својата функција. Не велиме ние како ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој. На прашањето при телевизиското соочување со тогашниот претседател на Владата Димитар Ковачевски, да прецизира дали укинувањето на балансерот ќе го постават како услов за коалицирање, Мицкоски одговори: „Точно. Да го почитуваме тоа што во извештајот го бараат европските официјални лица“.
Како до двотретинското мнозинство?
Ако се погледне моменталниот политички контекст, паузирањето на идејата за укинувањето на овој механизам создава услови за компромис и примирје со ДУИ во пресрет на гласањето на измените на Законот за локална самоуправа за кои парламентот ќе расправа утре (11.09.2024), и за кои е потребно двотретинско мнозинство кое Владата го нема.
„Измените на Законот за локална самоуправа се ставени како точка на дневен ред за седницата која е закажан за 11-ти месецов, и очекуваме да се изгласа потребата од носењето на овој Закон. Очекуваме поддршка од сите политички партии“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ веќе еднаш му даде гласови на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот кога им беа потребни за двотретинско мнозинство за адаптирање на регулативата за новите министерства.
ДУИ, сега не го крие разочарувањето од владините планови околу балансерот. „Новата власт ги игнорира последните податоци од пописот според кои вкупното население со албанска етничка припадност изнесува 29,5 отсто од населението и одлучи да го врати процентот под 25 отсто, врз основа на пописните податоци од пред 20 години“, реагираше партијата. Притоа обвинија дека е тоа директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот договор и порачаа дека „нема да дозволат каков било обид за поткопување на важните достигнувања на Охридскиот договор“.
По смената на власта министерот за јавна администрација Минчев рече дека се размислува за ново решение за балансерот, но тоа би се случило откако ќе се донесат новите Закони за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административни службеници. Во најновата изјава, пак, од неделата (8 септември) во интервјуто за РСЕ тој остави отворена врата за сите можности. „Во овој момент не може да се шпекулира што ќе случи со балансерот“, рече тој.