Путин: Против Русија се води „вистинска војна“
9 мај 2023Претседателот Владимир Путин им порача на Русите во вторникот дека светот е на пресвртна точка и дека се соочени со патриотска битка за иднината на нивната земја, на одбележувањето на годишнината од победата врз нацистичка Германија во Втората светска војна.
„Денес, цивилизацијата повторно е на клучна пресвртна точка. Вистинска војна се води против нашата татковина. Го одбивме меѓународниот тероризам, ќе ги заштитиме жителите на Донбас, ќе ја осигураме нашата безбедност“, рече Путин во говорот по повод Денот на победата.
Во 10-минутниот говор на Црвениот плоштад во Москва, Путин ги повтори познатите пораки кои ги испрати многупати во изминатите 15 месеци од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Тој рече дека „западните глобалистички елити“ шират русофобија и агресивен национализам, додека украинскиот народ станал „заложник на државен пуч“ и на амбициите на Западот.
„Нивната цел, и тоа не е ништо ново, е да постигнат колапс и уништување на нашата земја“, додаде Путин.
Егзистенцијален конфликт
Тој не се осврна на предизвиците со кои се соочува Русија додека нејзините воени единици се подготвуваат за очекуваната контра-офанзива на Украинците, ниту пак претстави пат за победа.
Рускиот лидер зачестено ја портретира кампањата во Украина како егзистенцијален конфликт, кој Западот го ескалирал со поддршката на украинската влада. Путин им порача на војниците кои учествуваат во воената кампања, дека „целата земја е со нив“.
„Нема ништо поважно од вашите воени напори“, рече тој.
„Безбедноста на земјата денес зависи од вас, иднината на нашата државност и на нашиот народ зависи од вас“.
Говорот, по кој следуваше огромна воена парада на Црвениот плоштад, се случува по серијата напади во Русија изминатиот месец, вклучително и наводен напад со дрон врз Кремљ пред помалку од една недела.
Според официјалните податоци, на парадата во Москва учествувале околу 8.000 војници, но за разлика од минатите години, овојпат немаше воздухопловно шоу, ниту по улиците продефилираа главните борбени тенкови, освен историскиот Т-34. Иако начелно не се најавуваше присуство на странски државници, на церемонијата биле лидерите на поранешните советски републики Беларусија, Казахстан, Таџикистан, Туркменистан, Киргистан, Узбекистан и Ерменија.
Пред самиот почеток на свеченоста во Москва, Украина соопшти дека соборила 23 од 25 ракети кои Русија ги насочила кон главниот град Киев. Нема информации за жртви.