1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги влече конците во соларниот бизнис?

ДТЗ
3 октомври 2022

Опозицијата тврди дека станува збор за афера тешка над 26 милиони евра со областа на соларниот бизнис, во која главна улога има премиерот Димитар Ковачевски

https://p.dw.com/p/4HgZV
фотоволтаици
Кој ги влече конците во соларниот бизнис? Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Во екот на економската и енергетската криза, Северна Македонија е преплавена со афери и обвинувања за злоупотреби со тендери. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии што партиски членови од позиција на директори беа посочени дека се фатени со „рацете во медот“, обвинува за злоупотреби од страна на власта, а пред се на премиерот Димитар Ковачевски. Во новата афера којашто ја нарекоа „Броило“, тврдат дека Фирмата на Ковачевски и неговиот кум заработила 2 милиони евра само од државни тендери. 

„Соларниот картел составен од Димитар Ковачевски и кумот Горан Паунов е создаден и почнува да врти милиони со доаѓањето на СДС на власт. Аферата броило ни покажува како мала група длабоко вгнездена во највисоките структури на власта тргувала со влијание за стекнување на сопствена корист“, изјави денеска пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков. 

За што обвинува опозицијата? 

Според опозицијата, Ковачевски и неговиот кум Горанчо Паунов, ја основале фирмата Пиксел груп на 3.11.2017 година, пет месеци откако СДСМ прави влада. Во тоа време премиер е Зоран Заев е премиер, Ковачевски подоцна станува заменик министер за финансии. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за афера тешка над 26 милиони евра со областа на соларниот бизнис. Тие обвинуваат дека додека стопанството плаќа дупло поскапа цена на електричната енергија од регионот, а граѓаните плаќаат енормно високи сметки за електрична енергија, Ковачевски и неговиот кум, Горан Паунов изградиле соларен картел за лично богатење. Фирмата Пиксел која е основана од Димитар Ковачевски и неговиот кум, и преку фирмата КМГ ЕОЛ Квазар изминативе години, само од државните институции земале над 2 милиони евра. Над 1.8 милиони евра, соларниот картел земале и од ЕВН, која дел од сопственоста е на државата. Исто така фирмите на Ковачевски и Паунов добивале и државна помош, соопшти најголемата опозициска партија.

„Додека граѓаните немаат за леб, дезертерот Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, преку злосторничко здружување екстра профитираат. За кризниот профитер Ковачевски броилото врти за богатење, додека за граѓаните броилото врти за осиромашување“, обвинува опозицијата. 

Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
„За Ковачевски броилото врти за богатење, додека за граѓаните броилото врти за осиромашување“, обвинува опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Злоупотреба за политички поени

На ваквите обвинувања реагираше компанијата „Пиксел Груп“ , која смета дека нападите се злоупотреба во дневни полички препукувања.

„Најостро го осудуваме секој обид за дискредитација и нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура. Бараме да не се користи името и на „Пиксел груп” и на „КМГ ЕОЛ Квазар” за политички маркетинг“, велат од компанијата. Од компанијата велат дека уште пред назначувањето на Ковачевски за заменик министер за финансии објавиле дека тој истапува од сопственичката структура на „Пиксел груп“ бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.

Оттаму тврдат дека работат на слободниот пазар според сите законски прописи и по највисоки етички стандарди. Како што се вели во соопштението, компанијата не користела никакви специјални услови надвор од оние кои на сите компании од оваа дејност им се даваат на располагање и им следуваат по закон. Во соопштението се додава и дека компанијата „КМГ ЕОЛ Квазар“ е основана во 2007 година и е пионер во областа на фотоволтаичните системи и енергетската ефикасност.

Ова втора афера која што опозицијата тврди дека е поврзана со премиерот Ковачевски, кој изминативе недели се најде пред бројни обвинувања поради неслужењето на воениот рок во 2001 година. Тој во четвртокот (29.09) на седницата за собраниски прашања во Собранието ја обвини „ВМРО-ДПМНЕ дека се крадци, криминалци, неработници, насилници и кодоши и дека освен криминал и фотелји, за друго не се заинтересирани“.