1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 2025 да ја пронајдеме формулата за среќа

1 јануари 2025

Бројни истражувања покажуваат дека македонскиот народ е најнесреќен во регионот и Европа. Правилата за среќа велат дека овој резултат може да се промени. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4oj20
Среќа
За среќата треба да се погрижиме сами, можеме сами да ја внесеме во нашите животиФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

На крајот на секоја година во Северна Македонија се прави рекапитулар на претходната и се испишува листа на очекувања од новата година. Вообичаено тоа се здравје, среќа, успех и други стереотипни зборови кои впрочем ги разменуваме и кога си честитаме со семејството и пријателите. Резимето на оваа социјална норма е сепак дека кога ќе се сумира секоја година, излегува дека граѓаните повторно не биле среќни, а според лични согледувања не биле ни успешни. Тоа нѐ прави намќореста и нерасположена нација и тоа се гледа во бројните истражувања кои се објавуваат секоја година.

Во март 2024 година беше објавено дека младите во Северна Македонија се најнесреќни во споредба со своите врсници од земјите во регионот, а тоа го покажа истражувањето спроведено од Универзитетот Оксфорд, Галуп и Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации. Но исто така и дека Македонците во целина се меѓу најнесреќните луѓе во Европа, како што покажа годишниот Глоблен индекс на среќата во кој  Македонија се најде на 84-тото место  од вкупно 143 држави во светот. Ова, сепак претставуваше напредок од три места во однос на претходната година. Од регионот, единствено Албанија е рангирана полошо, односно е на 87-то место.

Граѓаните на  Северна Македонија  беа најнесреќни во регионот и во  светскиот извештај за среќа  за 2023 година. Таму Северна Македонија беше на 87 место меѓу 137 земји, на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните земји во Европа, додека Србија на пример, беше на 45 место. Тоа истражување покажа дека во регионот Словенија е најсреќна и е рангирана на 22 место, Хрватска на 48, Грција на 58... Само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106) беа рангирани пониско од нас.

Младите Македонци најнесреќни во регионот

И во 2021 излезе дека Македонците се најнесреќни во регионот. На листата на Обединетите нации Македонија се најде на 94 место и беше најнесреќна  од поранешните југословенски држави. Скалата на среќа беше направена врз основа на статистички податоци на истражувањето на Галуп за тоа колку самите граѓани се чувствуваат среќни. На врвот беа  Финците како најсреќен народ  кои и покрај пандемијата на коронавирусот четврта година по ред беа најсреќен народ на светот. Од државите од екс Југославија најсреќни и тогаш беа Словенците кои се најдоа на 29 место, Косово на 33, Србија на 48, Хрватска на 60, Босна и Херцеговина на 64, Црна Гора на 72 место. Зад нас беа само граѓаните на Руанда, Зимбабве и Авганистан.

Како да бидеме посреќни?

Па што го прави нашиот народ несреќен или поточно што треба да прави за да биде среќен?  Бројни научни истражувања покажуваат дека несреќата најчесто доаѓа од надворешни околности и фактори на кои најчесто не можеме да влијаеме ниту да ги смениме. Но за среќата, треба да се погрижиме сами, односно можеме сами да ја внесеме во нашите животи. Се вели дека некои фактори за формулата за среќа се надвор од наша контрола но некои се комплетно во нашите раце и треба да ги користиме. Исто така се смета и дека среќата како и несреќата се генетски предиспонирани, но во голема мера тие не се предодредени однапред.

Дедо и баба со внуци
Треба да бидете благодарни за тоа што ви го дал животот – семејството, здравјето, домотФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

Како да го промениме тој несреќен резултат? Психологијата вели дека има 18 правила за среќа. Првото е да не се сожалувате себе. Второто е да бидете благодарни за тоа што ви го дал животот – семејството, здравјето, домот. Третото е почесто да викате „да" отколку „не". Искуството покажало дека премногу често го употребуваме зборот „не" и така ја затвораме вратата за нови искуства. Препораката е: не се спротивставувај на течението на реката туку велете „да" на емоциите, ситуациите, поканите од пријателите. Четвртото правило вели дека во животот, често се наоѓаме на половина пат на скалата што не сакаме да ја искачиме, наместо да бидеме на почетокот на скалата што сакаме да ја искачиме. Затоа треба да ги следиме сопствените желби. Петтото правило може во наши услови да се интерпретира како „пушти ја будалата да помине" или не се нервирај за тоа што не можеш да го смениш.

Љубезноста носи среќа

За нас граѓаните на Македонија и за нашиот менталитет можеби најважното е шестото правило а тоа е да се биде љубезен и најпрво во семејството да нема грубости, а потоа и кон познати и непознати. Велат дека љубезноста го прави човека посреќен а неговата среќа се пренесува и на друг. Не помалку за ова поднебје важи и седмото правило а тоа да не се живее во минатото или во иднината туку во сегашноста. Истражувањата покажале дека поголемиот дел од луѓето во светот го поминуваат својот живот секаде само не во сегашноста, односно се преокупираме со минатото или со нашите планови за иднина. Но сегашноста е единственото време кое навистина реално постои.

Останатите правила велат дека материјалното богатство може да донесе само моментална среќа, додека искуствата како што се патувања, средби со луѓе и непрестајно учење за животот ја носат вистинската среќа. Исто така и дека е многу важно да ги прифаќаме и двете страни на паричката а тоа се радоста и тагата. Не може секогаш да очекуваме радост а да ја отфрламе тагата како составен дел од животот. Да имате пријатели, да сакате, да имате мечти во секоја доба од животот, да знаете секогаш каде одите односно да имате цел, да уживате во едноставни задоволства, да не пружате отпор на состојбите какви што се туку да ги прифаќате (истражувањата покажуваат дека луѓето премногу време трошат на спротивставување на неизбежното) а само ако е можно тогаш да ги менувате, хранете се добро и физички вежбајте, велат правилата за среќа.

Најважното правило за крај – ние одново почнуваме да го цениме животот само кога ќе ни умре некој близок или кога ќе победиме некоја болест. Но животот секогаш треба да се цени, без да чекаме тој да не потсети колку е скапоцен.

Ете за добар почеток на оваа 2025 да си дочекаме истражувања во кои македонските граѓани нема да бидат најнесреќните. А ако ги следиме овие правила можеби нашите животи нема толку многу  да зависат ни од политичарите  со кои се опседнуваме катадневно, туку  политичарите ќе зависат од нас.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар