1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин се отвора првата ЛГБТ градинка во Германија

Дојче веле
8 октомври 2022

Веста е веќе во сите германски медиуми: во Берлин се отвора првата германска ЛГБТ градинка. Како што е најавено, 60 од вкупно 93 места веќе се пополнети. Но, има и критики за основачот.

https://p.dw.com/p/4HuLs
ЛГБТ градинка во Германија
Во градинката ќе има места за 93 деца, а веќе се пополнети 60 места.Фотографија: Jens Büttner/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Градинката ќе биде дел од институцијата која ќе се вика „Место за животна разноликост Зидкројц“. Зградата на улицата Ела Баровски бр. 27/28 ќе биде претворена во повеќегенерациска куќа за хомосексуалци, бисексуалци, транссексуалци и интерсексуалци. Во зградата ќе биде сместено советувалиште, одделение за згрижување стари и болни и нова детска градинка.

Директорот на градинката и неговиот заменик веќе се назначени, а според Марсел де Грот, извршен директор на Советувалиштето за ЛГБТ лица, „еден од тие двајца припаѓа на ЛГБТ заедницата“. Де Грот вели дека изборот на воспитувачи се уште трае: „Нема да отфрлиме ниту хетеросексуалци кои мислат дека тоа е добра работа“. Тој додава дека во градинката ќе има места за 93 деца, а веќе се пополнети 60 места. 

Момче во фустан 

За германските медиуми, Де Грот даде пример за родители кои го пријавиле своето дете во оваа градинка: „Родителската двојка го пријавиле својот син во градинка, бидејќи тој сака да носи фустани и да става шноли во косата за роденденската прослава. Се надеваат дека овде подобро ќе биде прифатено отколку во другите градинки“.

Тој додава дека се прифаќаат сите деца, дека има апликации од родители од ЛГБТ заедницата, но и родители кои живеат во близина и тука ги запишуваат децата.

Педагошкиот концепт предвидува во градинката отворено да се демонстрира што значи да се биде хомосексуалец. „Ќе имаме десет вообичаени книги за деца, но потоа и три во кои принцот се жени со друг принц“, вели Марсел де Грот.

Тој вели дека во сè друго градинката ќе биде како сите други, но на децата кои не се хетеросексуални подоцна ќе им биде полесно јавно да се изјаснат за својата сексуална ориентација. Сè друго, според него, е исто како и во секоја друга берлинска градинка, само ЛГБТ заедницата ќе биде малку повидлива. 

ЛГБТ градинка Германија
„Принц се ожени со друг принц“Фотографија: Philipp von Ditfurth/dpa/picture alliance

Застапник на педофилија во управното тело  

Сепак, германските медиуми изнесоа и еден загрижувачки податок. Конзервативниот неделник Фокус пред неколку дена објави дека 86-годишниот Рудигер Лотман е и во надзорниот одбор на советувалиштето што го основала градинката.

Овој социолог своевремено предизвика голема дебата во германската јавност кога во 1994 година ја објави книгата „Желбата за дете. Портрет на педофил". Веднаш следуваше обвинението дека авторот се залагал за сексуални односи меѓу возрасни и деца, а тој се бранеше дека сакал само да го расветли однесувањето на насилникот за подобро да се разбере.

Покрај потсетувањето на оваа спорна книга, Фокус презентираше уште некои информации: „Покрај тоа, Лотман беше член на работната група за човекова сексуалност, која, меѓу другото, ја објави брошурата Детето и сексуалноста во 1997 година. Во него се вели: „Човек се чувствува принуден најпрво општо да предупреди за сексуалноста меѓу децата и возрасните, иако во принцип ја потврдува“.

Според Фокус, Лотман во 1979 година учествувал во поднесување барања за отстранување на член 176 од Кривичниот законик, според кој се казнуваат полови дејствија со деца помлади од 14 години. 

Де Грот вели дека Лотман на никаков начин не е поврзан со секојдневната работа и дека во спротивно тоа би било проблематично.

Од градската управа на Берлин на прашањето на весникот „Билд“ одговорија дека многу брзо писмено ќе ги дефинираат обврските во однос на градинката, а за се детално ќе разговараат и со партнерите.