1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законски измени за воведување ред или хаос во урбанизмот?

ДТЗ
13 август 2024

Додека Министерството за транспорт тврди дека со законските измени ќе се олесни изградбата на училишта, градинки и болници, невладините организации стравуваат од дополнителен хаос во урбанизмот

https://p.dw.com/p/4jP7D
Александар Николоски Македонија
Министерот за транспорт Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Законските измени за урбанистичкото планирање кои се туркаат по итна постапка во Собранието во екот на одморите, предизвикаа реакции во јавноста. Спорна е измената на членовите 2, 7, 14, 15 и 16 во Законот за Урбанистичко планирање и се бара нејзино стопирање. Додека Министерството за транспорт тврди дека со законските измени ќе се олесни изградбата на училишта, градинки и болници, невладините организации и дел од опозициските партии сметаат дека ова е вовед во дополнителен хаос во урбанизмот. 

Која е целта на измените? 

Околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка, со што се доведени во прашање нивното донесување и реализацијата на капиталните инвестиции. Измените на Законот за урбанистичко планирање, според Министерството за транспорт се предлагаат за надминување на ваквата состојба. Според нив, тие се исклучиво во интерес на граѓаните и на општините – за поефикасна реализација на капиталните проекти и за придвижување на економијата во целина.

„Основната цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесувањето на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес, односно за изградба на градинки, училишта, болници и на други објекти од социјалната и од здравствената заштита, како и катни гаражи, со цел решавање на сообраќајниот хаос. Со донесувањето на овој закон, ќе се поедностави постапката за реализација на капиталните проекти во државата, а општините ќе можат во целост да ги реализираат планираните развојни буџети, со што директно ќе се влијае врз локалниот економски развој“, соопштија деновиве од министерството. 

урбанизација
Министерството за транспорт тврди дека со законските измени ќе се олесни изградбата на училишта, градинки, болнициФотографија: DW/A. Dimitriveska

„Битно е само да се гради“ 

Но, според иницијативата О2 се спомнуваат 600 урбанистички планови заглавени во постапка, а не се спомнува дека изработката на тие урбанистички планови трае повеќе од 4,5 години и тоа по стари неважечки закони и правилници, со неточни параметри. „Она што министерството за транспорт, односно оваа Влада сака е овие несоодветни планови да си продолжат да се изработуваат според стари неважечки закони и правилници до недоглед и да се донесат со неточни параметри, врз чија основа ќе се гради, не земајќи ја предви сегашната изменета состојба. Дополнително, климатските промени сè по жестоко нè напаѓаат со секоја измината година и наместо да се ревидира она што е планирано од претходно, битно е само да се гради“, посочуваат од О2. 

Во однос на образложението дека основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на градење и на катни гаражи, од иницијативата сметаат дека она што се сака е да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без Советот на општина да има право да одлучи со гласање.

„Ова е отворање на врата на самоволие и хаос, кое не смее да се дозволи. Ајде тогаш да поедноставиме сè, ги укинеме урбанистичките планови и секој нека гради каде сака, како сака, колку сака. Не може под превезот на 'јавен интерес' да се прави урбанистичко-градежен хаос“, се вели во реакцијата. 

Ред, а не хаос 

Невладините се децидни дека урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и не може да се дозволи изработка, спроведување на планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи без нив. „Доволно е хаотично и без тоа, дополнителен хаос не ни е потребен“, порачаа од О2.

И Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“- Скопје е згрижено за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка, без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор.

„Оваа промена не само што го исклучува гласот на јавноста, туку и претставува закана за нашето јавно добро. Со оваа измена, ќе се овозможи уништување на јавни простори и непочитување на постоечките квалитетни законски решенија. Дополнително, изградбата на гаражи за автомобили ќе го зголеми бројот на возила на улиците, наместо да се поттикне користење на алтернативни и еколошки превозни средства“, реагираат од здружението.

Од иницијативата „Борба за Влае“ побараа сите пратеници да гласаат против овие промени, гласно да застанат против измените во Законот за урбанистичко планирање и да се борат против секоја промена „нарачана од урбаната мафија“. 

Упад во урбанизмот 

Опозициските партии оценуваат дека станува збор за упад во урбанизмот. СДСМ бара да се стопира постапката на измена на членовите 2, 7, 14, 15, 16 во Законот за Урбанистичко планирање и на отпочнување собраниска постапка за донесување на новиот Закон за градење кој е веќе изработен во консултации со сите комори, здруженија, невладини организации, а помината е постапката на ЕНЕР.

Венко Филипче
СДСМ бара да се стопира постапката на измена на членовите 2, 7, 14, 15, 16 во Законот за Урбанистичко планирањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ реагира на „упадот во системот на урбанистичко планирање“ со вметнување на катните гаражи на ранг на примарна инфраструктурна мрежа кои ќе можат да бидат реализирани само врз база на Генерален урбанистички план без донесен Детален урбанистички план. Со ова, според нив, се избегнува увид на јавноста и транспарентност во постапката, што е врвен приоритет за постигнување поквалитетно и хумано живеење при носењето на урбанистичките планови.

И Левица бараше предлогот да биде повлечен и да се обезбеди јавна расправа, но владејачката коалиција гласаше против барањето на пратеникот Амар Мециновиќ.

„Ваквите закони не смее да се носат по скратена постапка, без да биде поведена соодветна и опширна јавна расправа, во која ќе бидат вклучени сите релевантни стручни општествени актери што се занимаваат со оваа проблематика. Недозволиво е дел на Републиката да нема нови урбанистички планови според нови тековни параметри, кои соодветствуваат на вистинските околности на терен“, вели тој.