Во експлозија во Москва загина генерал во руската армија
17 декември 2024Командантот на руските трупи за одбрана од напади со радиоактивни, биолошки и хемиски супстанции, Игор Кирилов и неговиот заменик загинаа при експлозија во Москва, соопштија руските власти. Експлозивот бил детониран во близина на домот на Кирилов, во југоисточниот дел на Москва. Според изјава на портпаролката на истражната комисија за случајот, Светлана Петренко, експлозивот бил сокриен во електроскутер во близина на домот на Кирилов. Како што може да се види од снимки кои ги објавија руските медиуми, тешко е оштетен влезот во зградата, а искршени се и прозороците на повеќе станови.
Велика Британија во октомври воведе санкции против Кирилов поради обвинувања за употреба на хемиско оружје во Украина. Шефот на Кремљ, Владимир Путин, во понеделникот (16.12.) изјави дека руските трупи имаат предност на целиот фронт во Украина. Напредокот на армијата е забрзан, рече Путин на состанок со раководството на руската армија кој беше пренесуван на телевизијата. 2024 година, според Путин, е „одлучувачка година за постигнување на целите“ на офанзивата во соседната земја.