Во Германија во моментов живеат рекорден број бегалци
21 септември 2024Во моментов во Германија живеат повеќе бегалци од кога било досега. На крајот на првата половина на 2024 година имало околу 3,48 милиони, пишува весникот Ноје оснабрикер цајтунг, повикувајќи се на одговорот на германската влада на прашањето кое партијата Левица ѝ го постави на владата. Тоа е околу 60.000 повеќе отколку на крајот на 2023 година и најмногу од 1950-тите години.
Ова ги вклучува сите луѓе, без разлика на нивниот статус на престој, кои во моментов бараат заштита во Германија од хуманитарни причини, од баратели на азил, признати бегалци, сѐ до лица кои се привремено толерирани, со дулдунг. Од 3,48 милиони бегалци, околу 1,18 милиони се бегалци од Украина.
Помалку луѓе со обврска да ја напуштат земјата
Поради депортации и доброволни заминувања се намалува бројот на лица кои се обврзани да ја напуштат Германија, се наведува понатаму во одговорот до Левица. Во средината на 2024 година статистиката евидентирала 226.882 лица со обврска да ја напуштат државата, што е за 15.760 помалку од крајот на 2023 година. Тие мораат да ја напуштат Германија, но се толерираат, односно имаат дулдунг - бидејќи не можат да се депортираат во земјата на потекло.
Имајќи ги предвид овие податоци, портпаролката на Левица за миграциски прашања во Бундестагот, Клара Бингер, ја критикуваше дебатата за миграцијата во Германија. „Во Германија сега живеат речиси 3,5 милиони бегалци, многу од нив со децении, а тоа е само четири отсто од населението“, изјави Бунгер за Ноје оснабрикер цајтунг.
Мерки по Солинген
Дебатата за миграцијата во Германија се интензивираше по нападот со нож во Солинген на крајот на август, во кој имаше мртви и повредени.
Сојузната влада предложи, меѓу другото, мерки против насилниот исламизам и значително заострување на законите за престој и за азил. Дополнително, беа воведени гранични контроли со сите соседни земји. Меѓутоа, конзервативната опозициска Унија на ЦДУ и ЦСУ не е задоволна со тоа и сака уште поостри мерки.