Во пресрет на изборите - превирања во албанскиот табор
27 октомври 2023Во пресрет на изборите - и превирања и обвинувања за непотизам во албанскиот политички табор. Турбуленции се случуваат во чаирскиот огранок на партијата Алтернатива, кој со писмо до медиумите соопшти дека две третини од членовите на огранокот се откажуваат од партијата, поради акумулираното незадоволство од некои членови кои ја узурпирале партијата. Тие велат дека „не се прави огранок со членови на семејството и непотизам, како на пример подогранок со тројца членови на семејството: Гаши и Ибрахими.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши потврдува дека се случуваат турбуленции во албанскиот блок. Вели дека станува збор за членови кои подолг период не се дел од Алтернатива, но дека вакви превирања се очекувани во пресрет на изборите.
Два блока
„Во пресрет на претстојните избори гледате дека се работи за два блока во албанскиот политички табор. Секој граѓанин, секој активист има право да избере дали да биде со опозицискиот или мнозинскиот табор. Затоа, не сакам кон никого да имам предрасуди, сите движења што ќе се прават од сега до изборите ќе бидат само во оваа функција. Тие што сакаат да бидат со опозицијата и сакаат промени доаѓаат кај нас, а тие што сакаат да останат и да ја продолжат оваа корумпирана власт со сите овие тешки стандарди за граѓаните - ќе одат таму“, изјави денеска Гаши.
Акумулирано незадоволство
Незадоволните членови велат дека револтот се акумулирал во изминатите 15 месеци. „Иако нашата надеж беше дека ќе постигнеме компромис меѓу членовите на огранокот, тоа за жал не се случи - додека виновниците за ова сега се познати и носат печат на две-три лица кои узурпираа и непотизираа се во партијата“, се наведува во соопштението од Огранокот на Алтернатива во Чаир.
Затоа тие одлучиле 2/3 од членовите на огранокот Чаир да поднесат оставки од партиските органи, осум членови на Централното собрание заедно со еден член на Централното претседателство ќе ја запрат дејноста во огранокот, а раководителите на соодветните подружници заедно со нивните членови се повлекуваат од огранокот Чаир.
„Заслужни за нашата колективна оставка од огранокот има само двајца-тројца узурпатори клиентелисти. Нашиот совет до секој активист во огранокот е многу пријателски: размислете добро, пред да биде предоцна. Не се прави огранок со членови на семејството и непотизам, како на пример подогранок со тројца членови на семејството: Гаши и Ибрахими - иако и денес продолжуваат да бидат членови на собранието. Исто така не се прави огранок ниту со први братучеди и втори роднини“, велат од партискиот огранок.