Воен експерт: Украинската офанзива е слабо координирана
28 јули 2023Во интервју за јавниот сервис АРД, Франц-Штефен Гади, експерт од Институтот за стратешки студии во Лондон, на следниот начин ја опишува украинската контраофанзива против руските трупи во земјата:
„Полека, но постојано напредува, веројатно со значителни загуби и ја карактеризира масовна употреба на артилерија. Во првите денови, офанзивата се уште беше во знак на напади на механизираните единици, односно тенкови. Тоа не доведе до значаен успех. Во меѓувреме се премина на пешадиски напади, значи чети и водови“.
„Слаба координација“
На новинарско прашање што се причините за неуспесите во првата фаза на офанзивата, Гади вели дека грешките треба да се бараат на „повисоки нивоа“, дека акцијата била „лошо планирана и организирана“ и дека „координацијата меѓу ударните единици“ била слаба.
„Во борби на поврзани единици, важна е синхронизацијата (...) како и симултаната примена на различни воени методи“, вели Гади. „Артилеријата пука, но под нејзината заштита пешадијата избива напред. Претходно се отстрануваат мините, а истовремено се активираат системите за противракетна одбрана кои создаваат заштита од воздушни напади. Истовремено со предаватели за пречки се создава електромагнетна заштита“. Доколку сето тоа се прави брзо и симултано, тоа „ги зголемува шансите да се постигне пробив и да се намалат сопствените загуби“.
Но, наместо тоа, објаснува Гади, се случило спротивното:
„Често можевме да слушнеме дека акциите се одвивале секвенционално, значи, едно по друга и тоа со големи временски паузи. Артилеријата напаѓала руски позиции, делумно слабо ги погодувала, и потоа, во некој момент, би уследил напад. Така Русите знаеле дека ќе уследи напад, можеле да се подготват за тоа и да ги префрлат своите единици“.
Моралот на украинските единици Гади го оценува како „во основа сѐ уште многу добар. Тука и таму се слушаат критики, но тоа е во природата на нештата и се случува во секоја армија. Нашиот впечаток беше дека офицерите и војниците можат да проценат од каде доаѓаат проблемите, но и понатаму се оптимисти и веруваат дека напредок е можен. Но, знаат и дека веројатно ќе трае подолго одошто се мислеше и дека оваа офанзива најверојатно ќе продолжи и во текот на есента“.
Руски трупи: низок морал- одлична одбрана
Што се однесува до руските трупи, Гади смета дека веројатно тие да колабираат е многу мала, иако моралот меѓу војниците е на ниско ниво. „Ние сега на фронтот постојано слушавме анегдоти за појава на колера, неухранетост, одбивања да се извршат наредби“.
„Но, факт е“, вели аналитичарот, „дека руските сили жилаво се бранат и ги држат своите позиции. Тоа можевме да го видиме. И кај Украинците постои почитување за ефикасноста и волјата на руската армија сето тоа да го издржи“.