Дали на Западот му снема муниција?
14 февруари 2023Состојбата е алармантна: во борбата против руските напаѓачи, украинската армија испукуваа многу повеќе муниција отколку што можат да произведат западните компании за вооружување - и тоа е веќе некое време, вели генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Војната во Украина голта енормни количества муниција и ги празни магацините на сојузниците“, изјави Столтенберг вчера (13.02.2023) пред новинарите. „Моменталната потреба е повеќекратно поголема од брзината со која произведуваме. Тоа ја става нашата наменска индустрија под стрес.“
Украинската војска дневно троши 6 до 7 илјади гранати, наведе Столтенберг. Во моментов за крупен калибар кај производителите се чека во просек 28 месеци - пред војната тоа беа 12 месеци. „Денешните нарачки ќе бидат испорачани дури за две и половина години“, предупреди тој.
Изгледа дека оваа тема дојде на врвот на агендата пред дводневниот состанок на НАТО, кој денеска почнува во Брисел. Многу стручњаци очекуваат премин на некој вид „воена индустрија“, односно помасовно производство на муниција.
Како што рече Столтенберг, во тек е логистичка трка на Украинците на време да им се префрли доволно муниција, гориво и резервни делови. „Брзината спасува животи“, оцени тој.
Во Брисел се очекуваат претставници на околу 50 држави
Тема на состанокот на НАТО во Брисел треба да биде и барањето на украинскиот претседател, Володимир Зеленски до Западот да ѝ испорача воени авиони на Украина. На таканаречената Рамштајн конференција, на која на покана на САД во Брисел доаѓаат претставници од околу 50 земји, претходно ќе се разговара и за натамошна помош во вооружувањето. Притоа, не треба да се очекуваат одлуки. Столтенберг посочува дека војната е променета - а исто така поддршката за Украина: од противтенковски ракети до артилерија и противвоздушна одбрана до борбени тенкови. Но, наместо да зборуваат за нови вооружени системи, партнерите во Алијансата треба да се погрижат „ украинската армија да може да го користи досега испорачаното оружјето и да има доволно муниција, гориво и резервни делови на располагање пред Русија да преземе иницијатива на бојното поле“.
Столтенберг: Русија веќе започна нова офанзива
Генералниот секретар на НАТО наведе оти руската пролетна офанзива всушност веќе почнала. Тој е убеден дека Владимир Путин нема наскоро да ја заврши својата агресорска војна и испраќа илјадници нови војници на фронтот „за да го надополни недостатокот на квалитет со квантитет, дури и ако тоа води до значителни загуби“. „Затоа мораме да ѝ дадеме на Украина сѐ што ѝ е потребно да победи и да достигне праведен и одржлив мир.“
Зголемување на издатоците за одбрана
Во врска со тоа, темата на средбатат на НАТО би требало да биде и евентуалното зголемување на трошоците за војската. Во моментов секоја членка треба да издвои барем 2 отсто од БДП за одбрана, а се зборува дека новата цел би можела да биде 2,5 или 3 насто. Тоа нема да помине без отпор, бидејќи актуелната цел многу членки на Алијансата не ја исполнуваат. Освен тоа, се очекува дека ќе се зборува за испорака на авиони за Украина, иако нема да има никаква одлука за тоа.
Кој ќе биде наследникот на Столтенберг?
На маргините на состанокот на НАТО, би требало да се зборува и за наследникот на Норвежанецот Столтенберг на чело на Алијансата. Нему мандатот му истекува во октомври годинава, и тој истакна дека нема да продолжи да ја извршува фонкцијата. Како можни наследници се споменуваат имињата на британскиот министер за одбрана, Бен Валасас, и на естонската премиерка, Каје Калас. Наследникот на Столтенберг треба да се најде најдоцна до самитот на НАТО во Вилнус во јули.