Русија на црна листа на ОН
23 јуни 2023Обединетите нации (ОН) ги ставаат на црна листа руските вооружени сили и со нив поврзаните вооружени групи за убиства на деца и други сериозни злосторства во Украина.
Според наводите од извештајот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Русија била виновна за убиството на 136 деца во минатата година, за време на агресорската војна против Украина. Гутереш изразува „ужаснатост“ од убиствата. Во извештајот, исто така се наведува и дека украинските сили убиле 80 деца.
Руската армија е вклучена во списокот на ОН на организации кои вршат сериозни злосторства против децата во вооружени конфликти.
Според податоците на ОН, минатата година во Украина биле убиени вкупно 477 деца, од кои 136 се припишуваат на руските сили и сојузници, а 80 на украинските војници.
Ниту една од двете завојувани страни не може со сигурност да се обвини за преостанатите жртви. Се наведува дека децата главно настрадале во воздушните напади.
Ваквите напади руските сили ги вршат врз украинските градови и села. ОН нагласија дека има голем број непријавени случаи поради строгите упатства за проверка на ваквите случаи.
„Посебно сум шокиран од големиот број напади врз училишта, болници и на заштитениот персонал, како и од големиот број убиени и осакатени деца, кои им се припишуваат на руските сили и со нив поврзаните вооружени групи“, рече Гутереш.
Минатата година ОН документираа вкупно 92 случаи на деца во кои повеќето биле користени како жив штит во Украина. Според извештајот, Русите се одговорни за сите овие случаи освен за еден.