1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна во Украина: Силен ракетен напад врз Киев

СН/агенции
16 јуни 2023

За време на посетата на делегација на шефови на африкански држави, главниот град на Украина беше цел на масивен руски воздушен напад.

https://p.dw.com/p/4SgVJ
Руски воздушен напад врз Киев (архивска фотографија)
Руски воздушен напад врз Киев (архивска фотографија)Фотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Најмалку две експлозии одекнаа денеска во Киев во моментот кога висока африканска делегација пристигнаа во Украина во мировна мисија , за време на која е планирана средба и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а ден потоа во Русија и состанок со претседателот Владимир Путин. 

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, соопшти дека експлозиите се случиле во областа Подил и предупреди дека повеќе проектили биле насочени кон градот, јави украинскиот портал на англиски јазик „Киев Њуз“. 

Украинскиот министер за одбрана, Дмитро Кулеба, на Твитер објави дека ракетите врз Киев се порака до африканските лидери кои денеска се во посета на Украина.

„Путин гради самодоверба со извршувањето на најголемиот ракетен напад врз Киев во последните неколку недели, токму за време на посетата на африканските лидери на нашиот главен град. Руските ракети се порака до Африка: Русија сака повеќе војна, а не мир“, напиша Кулеба.

Воздухопловните сили на Украина на Телеграм објавија дека уништиле шест балистички ракети Кинжал, шест крстосувачки ракети Калибр и две извидувачки беспилотни летала во најновиот руски напад врз Киев, но не дадоа информации за експлозиите кои се случија во главниот град.

Претходно, африканските лидери отидоа на местото на масовната гробница во градот Буча, кој се наоѓа недалеку од Киев. Нив утрината на железничката станица Немишаево ги пречекаа специјалниот пратеник на Украина за Африка и за Блискиот Исток, Максим Субх, како и јужноафриканскиот амбасадор во Украина, Андре Гроневалд.

Ukraine | Afrikanische Delegation in Bucha
Фотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Aфриканската делегација eпредводена од претседателот на Јужнoафриканската Република, Сирил Рамафоса, а во неа се уште и претседателите на Сенегал, Замбија и на Комориските острови, како и претставници на Република Конго, Уганда и на Египет.

Во текот на денот се планирани разговори со шефот на украинската држава Володимир Зеленски. Рамафоса утре треба да отпатува за Санкт Петербург, каде што има намера да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Во мај, претседателот на Јужноафриканската Република ги објави своите амбиции „да помогне во изнаоѓање мирно решение за разорниот конфликт во Украина, кој чини животи, а има и последици за африканскиот континент“, Јужна Африка официјално тврди дека има неутрална позиција во однос на војната во Украина.