1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Столтенберг планира фонд од 100 милијарди евра

СН/агенции
3 април 2024

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг сака во иднина да ја координира помошта и обуката за оружје за Украина преку НАТО. Досега оваа задача ја преземаа САД, но тоа може да се промени со изборот на Трамп.

https://p.dw.com/p/4eNBS
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг Фотографија: Saul Loeb/AP/picture alliance

Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг ќе предложи создавање фонд од 100 милијарди евра на пет години за помош на Украина во војната против Русија, соопштија денеска дипломатски извори.

Тие наведуваат дека, согласно тој план, НАТО ќе преземе некои координативни обврски од таканаречената група Рамштајн, предводена од САД, со цел да го заштити НАТО од какво било намалување на американската поддршка доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

За ова денеска ќе разговараат 32-те земји од НАТО на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, велат истите извори.

Министрите „ќе разговараат за најдобриот начин да се организира поддршката на НАТО за Украина за да биде посилна, попредвидлива и поодржлива“, изјави неименуван претставник на Алијансата.

На состанокот не се очекува никаква одлука, но „разговорите за тоа ќе продолжат пред самитот на НАТО во Вашингтон во јули“, додаде претставникот.

Украинските војници се во тешка ситуација на бојното поле, соочени со недостиг од  муниција
Украинските војници се во тешка ситуација на бојното поле, соочени со недостиг од муницијаФотографија: Ozge Elif Kizil/Anadolu/picture alliance

За финансирањето на тој фонд сѐ уште се разговара, но идејата е секоја од земјите членки на Алијансата да даде свој придонес според својот бруто домашен производ (БДП).

„Сè што придонесува за динамиката на поддршката за Украина оди во вистинска насока“, рече неименуван дипломат на НАТО, истакнувајќи дека идејата и натаму покренува многу прашања меѓу сојузниците, особено во однос на финансирањето.

Министрите, кои во четврток ќе ја прослават 75-годишнината од Атлантскиот сојуз, сакаат да разговараат и за начините за зајакнување на посветеноста на организацијата кон Украина, велат дипломатите.

Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО ќе разговараат и за нов генерален секретар, бидејќи мандатот на Столтенберг истекува годинава.

Холандскиот премиер Марк Руте, кој официјално е кандидат, има поддршка од 90 отсто од државите на Алијансата, додаваат дипломатските извори.

Друг кандидат за замена на Столтенберг е романскиот претседател Клаус Јоханис.