Војната стигна во Тел Авив, градот е како парализиран
9 октомври 2023Чувството во Тел Авив е како да снемало струја. Минатиот петок (7. 10.) животот во градот сѐ уште беше во полн ек. За многумина од околу половина милион жители и илјадници туристи од цел свет животот тој ден е како во рајот. Опуштено расположение, температура од 27 степени, луѓе на плажа или на прошетка на променадата. Многумина уживаат во баровите долж плажата на музика од ди-џеј. И мене и сопругот нѐ повлече доброто расположение, во Тел Авив допатував претходната вечер од Берлин. Каде и да отидовме во петокот, секаде нѐ пречека опуштена музика, добро расположени луѓе – мошне евидентно никој не ни насетуваше какви ужасни злодела се подготвуваат во истото тоа време само 60-тина километри јужно. Кога над метрополата паѓа мрак, некои од сообраќајниците се претвораат во корзо до доцна во ноќта. Токму таквите „вибрации“ се тоа што сите го сакаат на Тел Авив – и оние кои живеат тука, и оние кои доаѓаат како туристи за да си ги наполнат батериите и да уживаат во животот.
Аларм за ракетен напад
Сето тоа е минато. Со еден потег. Сабота наутро, 6.30 часот – сирените ги разбудија луѓето во градот. За повеќето кои живеат тука тоа не е причина за загриженост. Нормално е да има аларм за ракетни напади, а антиракетниот штит „Железна купола“ е речиси непробоен. И повеќето туристи едноставно продолжуваат да спијат. И ним им е познат наративот дека ракетите се пресретнуваат пред да стасаат до Тел Авив. Не е опасна експлозивноста на ракетите, туку деловите од нив кои потоа паѓаат од небото. Па така и јас си мислам дека ништо не може да ми се случи во удобниот кревет во хотелот?!
Нешто подоцна се чудам зошто е толку екстремно гласно и ѕидовите од хотелот се тресат. Воопшто не звучи како ракетите да ги лансираат некаде далеку од градот. Тоа е моментот во кој за првпат во животот барам засолниште во бункер. Сепак и таму повеќето се доста опуштени. Сѐ уште.
Расположението се менува
Кога околу 8 часот стасаа првите вести, расположението тотално се смени. Антиракетниот штит не ги пресретнал сите напади, ниту во Тел Авив ниту на југот на земјата. Наводно има повредени, дури и мртви. Уште пострашно е што терористите на Хамас од Појасот Газа на израелска територија фатиле заложници. Од овој момент расположението во Тел Авив е парализирано, како некој да го изгаснал светлото. Отворени се само оние продавници кои почнале со работа уште пред да стигнат ужасните вести – мали ресторанчиња кои главно служат појадок за туристи. Двете келнерки кои ни го сервираа појадокот се загрижени: едната не може да го добие телефонски свекорот кој во моментот е некаде во близина на Појасот Газа. Другата превентивно ги предупредува гостите „ако случајно повторно има напад, бункерот е во соседниот објект“. Тоа го кажува со расположение кое сугерира дека „тоа може да се случи, ама малку е веројатно“. И таа потценува како речиси и сите други во градот, колку на крајот на денот земјата ќе биде потресена во своите основи.
Страшни вести
Постепено во свеста на луѓето влегува целата димензија на терористичкиот напад. Додека претпладнето во мојот хотел уште се букираа термини за масажа, 60 километри јужно од нас умираа сѐ повеќе луѓе. И најлошо од сѐ е дека не престанува. Постојано стигнуваат вести за сѐ повеќе мртви, за сѐ поголем број заложници, сѐ повеќе места кои се окупирани од терористите на Хамас. Целосните размери на насилството уште не се познати.
Над Тел Авив постојано летаат воени хеликоптери. Улиците се празни. Едвај кој има храброст да излезе од дома, од страв дека терористите може да стигнале и до Тел Авив и тука да земаат заложници. Едвај може да се најде такси, баровите и рестораните се затворени, работи само по некој супермаркет. Плажата на која ден пред тоа имаше илјадници капачи, сега е празна. Полицијата со лента го затвори целото крајбрежје, никој не смее да влегува во морето. Стотици тешко вооружени полицајци седат на масите од затворените барови или стојат на променадата. Гледаат кон морето, од каде што би можеле да дојдат напаѓачи за да донесат терор и во Тел Авив. Со забраната за пливање полицијата има слободно поле за отстрел. Во Тел Авив владее страв.
Реалноста на насилството
Во нашиот хотел масерката не е дојдена на работа, затоа што такси службите не возат. Исто така и барменот. Рецепционерките, кои се загрижени, но сѐ уште не до степен на потресеност, отвораат неколку шишиња вино, ги ставаат во мраз и ги канат гостите самите да се послужат на барот кај базенот. Бесплатно. Тел Авив го има тоа нешто, дури и кога ракети го погодиле градското јадро. Но, дури и на терасава од луксузниот хотел реалноста не може вечно да остане надвор од неговите ѕидови. Кога падна мрак, коцките мраз беа стопени, виното топло, а последната рецепционерка имаше сериозни проблеми затоа што по 20 часот ракетниот аларм одекнува на секои десет минути, а таа мора гостите да ги смести во бункерот, во третиот подземен кат. Колку туристи се останати? Кој веќе отпатувал? Кој не го слуша алармот во моментов? Нема преглед над ситуацијата. Само неверојатна професионалност на рецепционерката која е навикната да ги праќа гостите во бункер заради сирените. Но, колку и да е тоа навика, стравот овојпат е голем.
Сите сакаат да ја напуштат земјата
Во бункерот рецепционерката е во контакт со свои роднини и пријатели за да провери дали се сите живи, дали некој е земен како заложник, или кој ќе биде пратен во војна како резервист. Сите туристи се обидуваат да резервираат летови. Сите сакаат да си одат од бункерот, од Израел, колку што е можно побрзо. И ние сакаме да си одиме. Но една третина од летовите се откажани. Страниците на авиокомпаниите крахираат поради големиот наплив на корисници. Кој може да најде такси, оди на аеродром и на лице место си ја пробува среќата.
Не е важно во кој правец, само да се напушти земјата која до пред некој ден беше рај на хедонистичкиот животен стил. Речиси сите летови се резервирани. Околу полноќ успевам да најдам лет до Крит со авиокомпанија за која никогаш не сум чул.
Бегство од земјата
Шест часа подоцна рецепционерката е сѐ уште тука. Не спиела, нема сили. Ни дава бисквити за појадок затоа што кафулињата се затворени, дури ни наоѓа и такси што си го делиме со други гости од хотелот. На аеродром ни станува јасно дека летот до Крит е откажан. Летот до Дубаи на еден од гостите кои патуваа со нас е пребукиран. Долго мораме да чекаме заедно со стотици други туристи пред голем монитор со информации за бординг и си ја пробуваме среќата со секој можен лет. Се чини безнадежно, најрано можно е лет за три дена.
По еден час успевам да ги добијам последните билети за лет до Будимпешта за само три часа од моментот кога ги купив. Не ми е важно колку чинат. Главно да излезам одовде. Но, подоцна сум бесен затоа што сите карти се продадени, а околу 60 проценти од местата во авионот се празни. Очигледно многу патници не стасале до аеродром, или летале порано. А, компанијата за евтини летови нема опција за сторнирање на листата или кратко пред полетување да нуди слободни места на други патници, па така полетуваме во многу празен авион во правец на Унгарија. Си ги замислувам луѓето кои уште очајно се обидуваат да најдат место за да избегаат од земјата. И мислам на сите кои остануваат во Тел Авив затоа што живеат таму - нивниот стоички „нема ништо лошо да се случи“-менталитет викендов беше тешко погоден.
Јохен Розенкранц го познава Тел Авив затоа што со израелски партнер соработуваше на ТВ-проект за туристичките дестинации и животен стил во градовите Берлин и Тел Авив. Притоа го запозна секојдневието и ставовите на многу жители на израелскиот град.