Војната во Украина ја чини Германија 200 милијарди евра
21 февруари 2024„Економските трошоци за Германија по две години војна во Украина изнесуваат повеќе од 200 милијарди евра“, изјави претседателот на Германскиот институт за економски истражувања, Марсел Фрачер за денешното издание (среда) на весникот „Рајнише пост“.
„Пред сѐ високите енергетски трошоци во Германија во 2022 година го редуцираа растот за 2,5 проценти или 100 милијарди евра, а од 2023 година до денес е забележано исто толкаво намалување“, смета Фрачер. Притоа, станува збор само за „директни финансиски трошоци“, на кои се надоврзуваат и други, поради војната настанати „ескалирачки геополитички и геоекономски конфликти, првенствено со Кина“, објаснува научникот.
Весникот „“Рајниште пост“ цитира и актуелна студија на Институтот за германска економија, според која војната во Украина досега ја чинела Германија околу 240 милијарди евра. „Додека загубите во 2022 година изнесуваа 100 милијарди евра, во 2023 година тие се зголемија на 140 милијарди евра“, се вели во студијата.
Меѓутоа, во 2022 и во 2023 година продолжи и влијанието на последиците од пандемијата на коронавирус, така што не е можно целосно диференцирање на трошоците и ефектите на војната во Украина, објаснува експертот Од Институтот за германска економија, Михаел Гремлинг.
Според претседателот на Германскиот институт за економски истражувања, Марсел Фрачер, трошоците на војната во Украина посебно тешко ги погодуваат луѓето со пониски примања, зашто тие „доживеаја два до три пати повисока инфлација отколку луѓето со високи примања“.
На 24 февруари 2024 година се навршуваат две години од почетокот на руската инвазија врз Украина, а крај на војната засега не е на повидок.