Волињскиот масакр - „трн“ во односите меѓу Полска и Украина
12 јули 2023Беше големо изненадување кога полскиот претседател Анджеј Дуда и неговиот украински колега Володимир Зеленски минатата недела (9 јули), без никаква најава, заедно се појавија во катедралата во градот Луцк во северозападна Украина. Присуствуваа на екуменската служба во чест на Волињскиот масакр, кој се случил прд 80 години. Станува збор за злосторство над полски цивили, кое во текот на Втората светска војна го извршиле украински националисти.
„Заедно им оддаваме почит на недолжните жртви на Волињ! Сеќавањето нѐ обединува! Заедно сме појаки“, напиша Дуда на Твитер. А Зеленски во соопштение за медиумите е цитиран со следните зборови: „Со Анджеј се сприсетивме на сите жртви на Волињ. Знаеме да го цениме секој поединечен живот, се присетуваме на историјата и заедно ја браниме слободата.“
Двајцата претседатели положија цвеќе пред олтарот и се прегрнаа. Но, не се случи она што го очекуваа на полска страна. Немаше украинско извинување за масакрот.
Разбирање и критики
„Очекувавме повеќе, но украинската страна не е спремна за посилен гест“, изјави Марцин Пржидаж, шеф на Одделението за надворешна политика во кабинетот на полскиот претседател. Присуството на украинскиот претседател на екуменската служба е „чекор во вистинска насока“, додаде тој. Пред пет години, кога се одбележуваше 75-годишнината, Дуда беше сам на комеморацијата за жртвите во Украина.
Полските медиуми на заедничкиот гест на двајцата претседатели реагираа со помешани чувства. „Богослужбата во Луцк е исправен знак, но пред нас е долг пат“, коментираше Јержи Хашчински во весникот „Ржежпосполита“. Новинарот критикуваше што извршителите, имено „украинските националисти“, не се наречени со вистинското име. Уште појасна критика се појави на интернет порталот onet.pl, кој пишува дека Зеленски со изразот „недолжни жртви“ сугерира „симетрија на вината“, како што напиша бившиот дипломат Витолд Јураж. А тоа според негово мислење е фалсификување на историјата. „Фактот што украинскиот претседател не беше во состојба да изрече извинување, е доказ за политичкиот и морален пораз на Дуда“, смета коментаторот.
Што се случило во Волињ?
Луцк е клучен град во регионот Волињ, Волиње или Волиније, на кој аспирирале обете нации. По Првата светска војна тоа подрачје ѝ припаднало на Полска. Украинското малцинство се жалело на дискриминација и посегнало и по терористички средства во борбата против полскиот државен апарат. Откако Германија ја нападнала Полска во 1939 година, Волиње се нашло под советска контрола, а две години подоцна го завзела Хитлерова Германија.
Кога Германија по воениот пораз кај Сталинград почнала да слабее, националистичката партизанска група УПА (Украинска бунтовничка армија) во 1942 година решила да ги протера Полјаците од регионот. Со помош на етничко чистење, УПА сакала да создаде „претпоставки“ за етаблирање на украинска национална држава по војната.
Првите напади врз селата во кои мнозинство биле Полјаците се случиле во февруари 1943 година, а кулминацијата на масакрот била на 11 јули 1943 година. На тој ден, кој во историјата останал познат како „крвава недела“, нападнати биле 99 населби. Партизаните на УПА мобилизирале и украински цивили, кои своите полски соседи ги убивале и со помош на коси, вили и секири, ги палале нивните имоти. Имало и такви Украинци, кои и покрај животната опасност на која се изложувале, ги спасувале своите полски комшии.
Подоцна борбите се прошириле и на областите позападно од Волиније, на источна Галиција и Бешади во југоисточна Полска. Сѐ до крајот на војната во 1945 година, според податоците на полски историчари, биле убиени околу 100.000 Полјаци, а околу половина милион луѓе побегнале или биле протерани. Во одмаздничките акции на полските партизани пак страдале меѓу 10.000 и 15.000 Украинци.
Соочување со минатото
Во времето на комунизмот таа тема била табу. Дури по крајот на Студената војна, почнало соочување со минатото – но досега без поголем успех.
По рускиот напад врз Украина на 24 февруари2022 година, Полска стана еден од најважните сојузници на својот источен сосед. Варшава испорачува оружје, прифати неколку милиони украински воени бегалци. Повеќе од еден милион Украинци уште се во Полска.Соочувањето со тешкото историско наследство е одложено за некои други времиња.
По, полека расте притисокот на полската јавност на владата во Варшава и на претседателот Дуда. Сѐ повеќе публицисти и политичари бараат од Дуда да го искористи своето влијание врз Зеленски за украинската страна да ја охрабри на гест со кој Киев би се извинил за масакрот.
Мноштво контроверзи
Списокот контроврзи е долг. Здруженија на жртвите, но не само тие, се жалат на блокада на ексхумацијата на посмртни останки на полските жртви од страна на украинските власти. Украина отфрлува користење на поимот „геноцид“ за случувањата во текот на Волињскиот масакр, а како оправдување се наведува дека геноцид може да изврши само некоја држава, а во Волињ злосторствата ги извршиле партизански единици.
Украинците освен тоа потсетуваат на антиукраинските акции на полскиот државен апарат по крајот на војната. Со оглед на тоа што полските служби за безбедност не успеале да го сузбијат дејствувањето на УПА на југ во Полска, во 1947 година сите Украинци од регионот биле присилно иселени во други делови од земјата, а нивните имоти и цркви биле срамнети со земјата.
Спор во билатералните односи владее и околу Степан Бандера,водач на радикалното крило на Организацијата на украински националисти, која била задолжена за политички надзор над дејствувањето на УПА. Во Полска Бандера е олицетворени на злото, а во Украина го почитуваат како херој во борбата против комунистите, односно Црвената армија.
Но, во сево ова има и оптимистички гласови. Еден од нив е и државниот секретар во кабинетот на полскиот претседател, Анджеј Дера, еден од најблиските соработници на Дуда. Тој е уверен дека иднината ќе донесе напредок. По средбата во Луцк, во една дебата на телевизија тој изјави: „Во шеесеттите години успеавме да се помириме со Германците. Ќе успееме да се помириме и со Украинците.“