Запорожје: „Ситуацијата е екстремно сериозна“
12 август 2022Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје, рече дека е екстремно критична. По повеќекратното гранатирање, еден реактор е веќе исклучен, објасни тој. „Ова е сериозен момент, гробен час. На МААЕ мора да ѝ се дозволи да ја изврши својата мисија во Запорожје што е можно поскоро.“
Во атомската централа Запорожје треба да се изврши контрола и да се спроведат важни безбедносни мерки, се вели од МААЕ. Агенцијата е неутрална - моментално е во контакт и со руски и со украински претставници. Според информациите кои можеле да се соберат на овој начин, Гроси засега претпазливо смирува и вели дека има оштетување на нуклеарната централа, но мерењата на радијацијата биле на нормално ниво. Сепак, сето ова може да се промени во секој момент. Затоа на вонредната седница на Советот за безбедност тој побара: „Секоја воена акција која ја загрозува нуклеарната безбедност мора веднаш да се прекине“.
Она што на седницата го кажа украинскиот амбасадор во ОН, Сергеј Кислица, веројатно го мислеа многумина: „Пред шест месеци беше тешко да се замисли дека најголемиот нуклеарен објект во Европа ќе биде преземен со воен напад и дека ќе биде наполнет со војници и оружје“, рече Кислица.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за напади
Состанокот на Советот за безбедност го свика Русија. Сепак, земјата, меѓу другите и од САД, беше обвинета дека ја користи централата во Запорожје како еден вид заштитен штит. Оттаму, како што се вели, се напаѓаат украински позиции. Бони Џенкинс, американска државна потсекретарка за контрола на оружје, беше јасна: „Русија постојано шири лажни извештаи за да го одвлече вниманието од реалноста и сега тврди дека Украина е одговорна за ситуацијата во нуклеарната централа“, рече таа. „Тоа целосно ги искривува фактите - имено дека Русија е илегално во централата.“
Украина ја обвинува Русија и дека директно ја таргетира нуклеарната централа. Обвинување кое рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсија, го опиша како апсурдно. „Ова се пропагандни напади на западниот печат. Тоа е во спротивност со здравиот разум, бидејќи овие нуклеарни централи се контролирани од руската армија“, рече Небенсија.
Гроси: Не смееме да дозволиме нуклеарна катастрофа
Оваа контрола ја прави инспекцијата од страна на Агенцијата за атомска енергија особено комплицирана. И така, прашањето како експертите би можеле да стигнат до нуклеарната централа е многу политичко. Ако патувањето се одвива преку Русија и територијата окупирана од Русија, тоа би изгледало како признание на руската окупација, се вели од дипломатски кругови во ОН.
- повеќе: Војна во Украина: Колку е опасна ситуацијата околу нуклеарката Запорожје?
Од друга страна, инспекција од страна на Агенцијата за атомска енергија би била огромен чекор, затоа што за да се спроведе контрола прво би требало да замолчи оружјето.
- повеќе: Зеленски предупредува од опасност од нуклеарна катастрофа
Гроси апелираше до двете страни: „Не смееме да дозволиме нуклеарна катастрофа. Затоа, целта пред сѐ мора да биде нeјзино спречување. А за тоа сите треба да работиме заедно. Тоа е наша должност. Тоа е наша заедничка одговорност“.