Сака ли Путин нуклеарна војна?
22 септември 2022Нескриена воена реторика на еден бескрупулозен агресор: „Сакам оние кои даваат такви искази за Русија да ги потсетам дека и нашата земја располага со различни деструктивни оружја и некои се помодерни од оние на земјите од НАТО. Ако е загрозен територијалниот интегритет на државата, секако дека ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ја заштитиме Русија и нашиот народ.“
Тоа Путин неделава ѝ го соопшти на нацијата и на светот. Западот му префрла уцена со нуклеарен напад. Тој пак не остава дилеми околу својата решителност: „Ова не е блеф. Оние што се обидуваат да нѐ уценат со атомско оружје, треба да знаат дека нештата може да се свртат против нив.“
Закана за употреба на атомско оружје не е ништо ново
Претседателот Путин во својот говор најави делумно мобилизирање на 300 илјади резервисти, но и му сезакани на Западот со употреба на атомско оружје. „Од почетокот на војната слушаме закани кои може да се интерпретираат како закани за употреба на нуклеарно оружје“, вели за ДВ Волфганг Рихтер, воено лице во пензија. Тој е експерт за безбедносна политика. „Идејата зад тоа веројатно е пораката до западните земји: (Западот, н.з.) се вмешате во војната или дури и нападнете руска територија, тогаш атомски напад станува поверојатен.“
Во интервју за Би-Би-Си, Роуз Готемелер не ја исклучува можноста Русија и де факто да употреби атомско оружје. Поранешната заменичка генерален секретар на НАТО, е загрижена: „Стравувам дека сега би можеле да возвратат на непредвидлив начин“, предупредува таа и додава: „И тоа на начин кој може да содржи и употреба на оружје за масовно уништување.“
Русија е најголема атомска сила
Безбедносниот експерт Рихтер смета дека ситуацијата не е толку драматична и укажува на руската нуклеарна доктрина, која предвидува употреба на атомско оружјЕ само во два случаи: „Прво, кога Русија самата е нападната со атомско или друго оружје за масовно уништување. И второ, кога егзистенцијата и преживувањето на руската држава се загрозени.“ Анектирање на територии на нападнати држави и потоа нивно прогласување за руска територија, се сценарија кои немаат меѓународно правна супстанција, вели Рихтер.
Со 6375 боеви глави, Русија има најголем нуклеарен арсенал на светот. Од сите НАТО партнери, САД, со околу 5800 нуклеарни боеви глави, се најголемата атомска сила меѓу сојузниците. Франција има над 290, а Велика Британија преку 215 боеви глави. Точни бројки нема, бидејќи за нуклеарната програма многу држави ги држат информациите во тајност.
Иако се зборува за „нуклеарен штит“ од САД, атомски напад врз Европа не може да биде спречен. „Штитот“ повеќе се базира на претпоставката дека противник не би се осмелил атомски да нападне членка на НАТО, бидејќи мора да смета на контранапад.
Таков воен одговор би можеле да наредат и изведат атомските сили во НАТО: САД, Велика Британија и Франција. Сите три земји имаат стратешко атомско оружје, кое, меѓу другото, може да биде испукано од атомски подморници и со тоа да овозможат контраудар во секакво можно сценарио.
Кој одлучува за користењето атомско оружје?
За употребата на американското атомско оружје стационирано во Германија, Италија, Белгија и Холандија прво одлучува американскиот претседател. Тој би дал зелено светло за бомбите и земјата во која се стационирани (на пример Германија) ќе мора да даде согласност за фрлање на бомбите со свои воени авиони. Пред таков ангажман веројатно ќе има консултации со другите НАТО-сојузници во Северно-атлантскиот совет.
За употребата на француското нуклеарно оружје одлучува францускиот претседател, за британското - тамошниот премиер. Трите центри за одлучување важат како елементи за застрашување, бидејќи на противникот му ја отежнуваат калкулацијата за тоа како точно би реагирал НАТО во случај на нужда.
- повеќе: НАТО: Што ако Русија употреби оружје за масовно уништување во Украина?
Како Германија е вклучена во застрашувањето?
Германија во атомското застрашување во Европа е вклучена преку воените авиони Торнадо кои се стационирани во Бихел, во покраината Рајнланд Пфалц. Авионите со германски пилоти во случај на ангажман би ги носеле американските атомски бомби до крајната цел. Барем еднаш годишно пилотите на Бундесверот тренираат фрлање на атомски бомби со лажна муниција.
Покрај Германија, во т.н. нуклеарен удел во НАТО се вклучени и Холандија, Белгија и Италија. Според некои извештаи, во Европа во моментов има меѓу 100 и 150 за овие авиони сертифицирани и споредбено релативно непрецизни бомби.
Путиновите закани со нуклеарно оружје не се нови
Уште од анектирањето на Крим од страна на Русија, во 2014 година, рускиот претседател постојано се заканува со атомско оружје. Во тој случај веројатна е употребата на т.н. тактичко нуклеарно оружје. Тоа имаат релативно мала разорна моќ која би можела да биде симната на многу мало дејство, така што атомскиот напад би имал една педесеттина од моќта што ја имала на пример бомбата во Хирошима.
Но, експертот Рихтер се сомнева дека навистина може да дојде до такво нешто. „Ако изврши нуклеарен напад, Русија ќе биде аутсајдер во светот и ќе остане сосема сама. Путин ќе ги загуби сите сојузници, вклучително и Кина. Тоа би имало непредвидливи последици за политичкото, економското и општественото преживување на Руската Федерација.“
Поради тоа, Рихтер смета дека нукеларна војна со НАТО не е многу веројатна. „Тука Русија нема да може да победи, тоа ќе доведе само до меѓусебно уништување. Мислам дека во Кремљ сепак има преостанато барем толку рационалност.“
Путин можеби ќе се потсети на една јасна изјава на американскиот претседател Бајден. Во интервју за телевизијата Си-Би-Ес пред неколку дена тој експлицитно го предупреди Путин од употреба на нуклеарно или хемиско оружје. „Не правете го тоа! Ќе го смени ликот на војната како ништо друго по Втората светска војна“, рече Бајден.