1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врие во јавниот сектор, се најавуваат протести и штрајкови

ДТЗ
19 септември 2023

Обвинителствата и судовите цврсто стојат на одлуката за протести и штрајк од 27 септември сѐ до исполнување на нивните барања за поголеми плати. Во тој период ќе се работат само итни случаи.

https://p.dw.com/p/4WXp9
протести синдикати Скопје
Протести на синдикатите за поголеми плати и почитување на работничите права, на Меѓународниот ден на трудотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Расте незадоволството во јавниот сектор поради неисполнувањето на нивните барања за зголемување на платите, коешто ќе кулминира со протести и штрајкови на крајот на септември. Синдикатите најавуваат дека околу 2.500 вработени во Обвинителствата и судовите цврсто стојат на одлуката за протести и штрајк од 27 септември, па сѐ до исполнување на нивните барања за поголеми плати. Во тој период ќе се работат само итни случаи. 

Наталожено незадоволство

Причина за ваквото незадоволство се наталожените проблеми коишто траат веќе подолго време. Иницијална каписла беше одлуката на Уставниот суд со која од пролетта се зголемија за 78 проценти платите на функционерите. 

„Ако има за нив, има и за нас“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Пред почетокот на собраниската расправа за зголемување на платите од септември за 10 проценти, синдикатите уште еднаш реагираа дека 78% покачување е премногу за функционерите, а 10% е премалку за вработените во јавниот сектор.

„Бараме од пратениците да не водат политичка битка и да се грижат за вработените во јавниот сектор, исто како што вработените се грижат за извршување на работните задачи и им помагаат на пратениците во парламентот“, порача на прес-конференција Трендафилов.

Маќеа за еден, мајка за друг

Синдикатите бараат функционерите да бидат на исто ниво со работниците и државата да не биде маќеа за еден, а мајка за друг. Во спротивно се најавува жешка есен со низа протести. Најголемо е незадоволството во обвинителствата и судовите кои и деновиве излегоа на протести. Станува збор за 2.500 луѓе вработени во Обвинителството и судовите кои имаат просечна плата по 25.000 денари, додека над 1.000 функционери добија над 1.000 евра месечно покачување на платите.

новчаник, плата
Ако има за функционерите, ќе има покачување и за нас, порачуваат синдикатитеФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Тие од 27 септември излегуваат на штрајк незадоволни од разликите на платите меѓу нив и избраните лица. Бараат да се зголемат нивните плати исто како и на функционерите за 78% и да се исплаќаат редовно додатоците на плати кои не се исплаќаат подолг период.

„Министерството за правда и судовите не прифаќаат преговори и ние одлучивме да штрајкуваме. На 27 септември први излегуваат вработените во обвинителствата, а на 29 ќе им се придружат и вработените во судовите. Барањата се исти зголемување на платите од најмалку 30 отсто до најмногу 78 отсто и редовна исплата на додатоците на плати. Ќе се штрајкува до исполнување на барањата“, најави претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Синдикатите најавуваат дека на протести пред Владата ќе излезат и вработените во „Водостопанство“, а веќе наредната недела ќе почнат и други штрајкови. Вработените во судската администрација од Основен суд Тетово денеска (19.08) одржаа двочасовен протест од кој побараа зголемување на платите како кај судиите. 

Владата најави дека јавниот сектор од септември ќе има зголемени плати за 10 проценти, К-15 од 10 илјади денари ќе добијат до крајот на годината, а од март ќе стартува и новата методологија која треба да стави ред во платите. Оваа методологија ќе почне да се применува од март 2025 година и е надеж дека со неа ќе се ослободи процесот на усогласувањето на платите од влијанието на политичарите.