Врие во Пошта - се најавуваат протести и штрајк
16 април 2024Долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ резултираше со нови најави за протести и штрајк. Синдикатот порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта.
Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа и обезбедување средства, бидејќи се соочуваат со тешкотии во работењето.
Подготовки за протест и штрајк
Синдикатот на прес-конференција пред Владата порача дека во тек се консултации за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.
„Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари“, вели Велигденов.
Лоша кадровска политика и партизација
Синдикатот смета дека состојбите се последица на лошата кадровска политика и партизација што со години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата.
„Со постоечката систематизација имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а сѐ помалку работници во технолошкиот процес. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места. Затоа е потребна нова систематизација - да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“, вели Велигденов.
Тие се надеваат дека сите аномалии и проблеми во работењето со систематизација ќе се надминат и Македонска пошта ќе започне со редовна и навремена достава на пратки до граѓаните.
Изминатиот период Пошта се најде на мета на критики на граѓаните, кои се жалат дека пратките бавно стигнуваат, а за некои од странство се чека и по неколку месеци.