1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клуч на дел од маркетите поради ненамалени цени

ДТЗ
25 септември 2023

Стопанствениците сметаат дека мерката е престрога и нанесува големи штети. Владата најавува намалување на цените и на пијалоците и на хигиенските производи.

https://p.dw.com/p/4Wm52
Супермаркет полици
Потрошувачите не смеат да бидат манипулирани и доведувани во заблуда, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан ТрајковскиФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Ланци на супермаркети на повеќе локации во два града се затворени поради непочитување на мерката за „гарантирана цена“ на дел од производите. По одлуката на Владата со која околу 500 производи добија замрзнати цени, инспекторите се интензивно на терен. Веќе се затворени повеќе маркети, а контролите и натаму продолжуваат. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска (25.09) обелодени дел од ланците супермаркети кои се затворени во скопскиот регион. Станува збор за маркети од ланците „Веро“ и „Вива фреш“. Владата во вторник (26.09) треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците, а во тек е анализата и за хигиенските производи. Стопанствениците сметаат дека мерката е престрога и нанесува големи штети. 

Драконска мерка

„Мерката е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите. Многу беше кратко времето за кое маркетите можеа да се 'престројат' во однос на намалувањето на цените, особено зашто се работи за околу 1.200 артикли“, вели извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев. Затворањето на повеќето ланци маркети во Скопје и Струга, според него, никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените. Тој очекува што поскоро да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа. 

„Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1.200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која треба да се прибегне“, рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши
Крешник Бектеши и Димитар Ковачевски во контрола на маркетите (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нови анализи

Министерот за економија Крешник Бектеши, по посетата на компанијата „Алма-М“ во Визбегово најави дека се очекува одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе се види дали има простор да се донесат одредени мерки.

Следниот месец, според најавите на премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат направени и анализите за деветтиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи. 

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, деновиве информираше дека се казнети и затворени повеќе ланци големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга. Трајковски порача дека секој мора да ги почитува законите и одлуките на Владата, како и дека нема да дозволи никој да ги манипулира и доведува во заблуда потрошувачите.