Дека „вистинските раеви се раевите што сме ги изгубиле“ Марсел Пруст (Marcel Proust) пишува во „Повторно најденото време“ (“Le temps retrouvè") седмиот том од неговото животно дело, кога го опишува ненадејниот пробив на одамна заборавеното време во сеќавањето. Тој ненадеен пробив на минатото во сегашноста се случува, на пример, кога во еден миг ни се чини дека вдишуваме нов воздух, затоа што знаеме дека ние еднаш веќе сме го вдишале.Тој воздух за Пруст е почист и од оној за кој поетите попусто верувале дека владеел во рајот, затоа што само воздухот што го вдишуваме, сеќавајќи се дека тоа е истиот што некогаш сме го вдишале, а за кој сме верувале дека е неповратно изгубен, може да ни го дари не само длабокото чувство на единство со мигот, туку и да нѐ обнови и преобрази.
Творештвото на Марсел Пруст, како само уште тоа на Франц Кафка и Џејмс Џојс, го обликуваше модерниот литературен естетски вкус. Вистинскиот „Прустијанец“ и „Прустијанка“ не се само вљубеници во едно литературно дело, туку светот на тоа дело го обликувал и нивното чувство за светот, за животот, за времето и за убавината. Затоа денес не само теоријата на литературата, туку и модерната психологија и медицината говорат за „прустовски момент“ или „прустовско сеќавање“ при што се мисли на спонтаното, неочекувано сеќавање кое ни го подарува мигот кога мирисите, вкусовите или предметите ни го повикуваат изминатото време на толку жив начин, што тоа станува пореално од реалниот миг.
„Спонтано сеќавање“
Минатата година, во 2021-та, светот обележа 150 години од неговото раѓање на 10 јули 1871, а пред три дена, на 18 ноември, се исполнија сто години од неговата смрт во 1922. Повеќе од десет години од кусиот живот од 51 година, дури и буквално се‘ до последниот здив, Пруст пишуваше на своето животно дело „Во потрага по изгубеното време (“À la recherche du temps perdu"), чии седум тома беа објавени од 1913 до 1927, а трите последни постхумно. Дури и тие што никогаш не го прочитале ова дело на Пруст, сигурно ја знаат најубавата дефиниција на „спонтаното сеќавање“ – сликата во која тој го објаснува чувството кое го обзема кога го потопува колачето „Мадлен“ во чајот од липа и блажената радост која се раѓа во него кога јазикот го допира првото парче од натопеното слатко пециво. Блажената восхитеност се раѓа од тоа што во истиот миг се враќа заборавеното сеќавање на изминатото време. Токму поради оваа сцена вистинските љубители на Пруст ги сакаат и колачите „Мадлен“ и чајот од липи!
-Повеќе од авторката: Регионот Македонија е доволно голем за многу биографии
Притоа, со „спонтаното сеќавање“ како терапија Пруст се сретнал за првпат 1905 во санаториумот, каде што ученикот на прочуениот психијатар Шарко (Charcot), Паул Солиjе (Paul Sollier) со индуцирано „спонтано сеќавање“ го лечи од неврастенија (меланхолија) која го обзела по смртта на родителите. Иако Солије за „спонтаното сеќавање” пишува во својата книга „За проблемот на сеќавањето“, овој феномен го направи славен толкму Пруст, затоа што „спонтаното сеќавање” стана шифрата за неговиот начин на раскажување. Исто како што Пруст ја опиша на неповторлив начин и тајната на мирисите, како и нивната поврзаност со ненадејното, „спонтано сеќавање“. Таквите враќања на „изгубеното време” во миговите на ненадејно повикување на некој настан со силата на мирисот, со вкусот на колачето, со допирот на ткаенината или со звукот на лажичката, за Пруст не се само враќање на минатото, туку „можеби многу повеќе од тоа: нешто кое - припаѓајќи истовремено на минатото и на сегашноста - станува многу посуштествено од двете.“ Кога се случува ова обединување на минатото со сегашноста, тогаш „една минута, откината од поредокот на времето, во нас одново го создава човекот, но како ослободен од поредокот на времето, за да може да ја доживее“, пишува Пруст. За тој човек зборот смрт во тој миг нема никаква смисла, затоа што тој е надвор од времето.
-Повеќе од авторката: „Цивилна нација“ – Алајда Асман за новата идеја за нацијата
Доживувањата на „спонтаното сеќавање”, кои Пруст ги нарекува и „воскресенија на минатото“, во секундата во која траат се толку сеопфатни, што ги присилуваат сите наши сетила да ги повикаат во сегашноста сите нешта од минатото. Не само одаите во кои сме биле, туку и воздухот што тогаш сме го дишеле. Иако тие моменти се нешто мигновено, сепак, се чини дека се фрагменти од постоењето кои се откинати од времето и по својата сушност обликувани од вечноста. Православниот богослов Александар Шмеман, кој притоа бил и голем љубител на Пруст, пишува во своите „Дневници” дека „вечноста не е негација на времето, туку неговата апсолутна целост, негово обединување и востановување. Вечниот живот не е тоа што почнува по времениот живот, туку вечна сегашност на тоталитетот на животот“, пишува Шмеман. Ова чувство за животот е многу блиску до радоста на Пруст при ненадејното „воскреснување на минатото“ дури и преку најобичните нешта, како мирисот на цветовите на глогот во мај. Тие мигови Пруст затоа ги нарекува и „епифании“. Мигови во кои вечноста се пројавува во минливото како знак и шифра која често ја користи најкревката сетилност за да ја разбранува душата – мирисот. Тој се чини дека е најефемерното, најминливото нешто, затоа што е недопирлив и трае многу кратко. Но, сепак, токму сетилото за мирис има директна врска со мозокот, со 20-30 милиони клетки. Затоа не е чудно зошто во последно време „Прустијанците“ може да се сретнат и меѓу невролозите и научниците кои се занимаваат со истражување на мозочните процеси.
Писателот го „открива“ делото
Романот „Во потрага по изгубеното време“ не е само раскошнен „кабинет на антиквитети“, суптилен опис на една епоха во заминување, но и на настапот на новото време кое започнува со Првата светска војна. Тој не ни го открива само светот во благородничките салони и животот во француските граѓански фамилии на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Тој е и неповторливо сведоштво за раѓањето на писателот и на неговото дело. Марсел Пруст е уверен дека писателот не го создава делото, туку го „открива“, како што физичарот го открива во градбата на природата природниот закон.
-Повеќе од авторката: Западен Балкан – недовршен проект на ЕУ или нов стереотип?
Само што писателот не трага по делото надвор, туку во себе. И тоа во најдлабоките слоеви во себе, кои му се разоткриваат во такви чудесни, тајновиди „воскреснувања“ на изминатото време. Книгата што треба да ја напише писателот „чека” на него во неговата најдлабока длабина. Пруст доаѓа до сознанието дека творците не го создаваат уметничкото дело по своја желба, зашто тоа веќе „предегзистира” во нив. Тоа сознание тој го потврди со својот живот, зашто се чини дека тој стана едност со својот животен роман во седум тома и речиси 4000 страници. Небаре живееше само за да го доживее секој миг од животот на најсуптилниот, најчистиот начин и да го запише своето доживување за тајната на животот и вечноста во „волшебното писмо” на литературата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.