1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски најавува зголемување на производството на оружје

ЕМФ / дпа
29 август 2023

Украина сака да произведува значително повеќе оружје, соопшти претседателот Володимир Зеленски. Покрај артилериско оружје и муниција, треба да се произведуваат и беспилотни летала, ракети и оклопни возила.

https://p.dw.com/p/4VgQd
Украина | Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, според сопствени наводи, се сретнал со претставници на одбранбената индустријаФотографија: president.gov.ua

По повеќе од една и пол година војна, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави максимално зголемување на производството на оружје за борба против руските инвазори. Покрај артилериско оружје и муниција, во земјата треба да се произведуваат и беспилотни летала, ракети и оклопни возила.

„Го зголемуваме обемот на производство до максимум. Украина може да го направи тоа. Финансирањето е обезбедено. Нашата одбранбена индустрија ќе донесе добри резултати“, рече Зеленски во својата вечерна видео порака. Украинското раководство постојано најавуваше планови за претворање на земјата во еден од најголемите производители на оружје.

Зеленски, според сопствени наводи, се сретнал со претставници на одбранбената индустрија за да се договори зголемување на производството. Земјата е зависна од големи количества муниција и оружје во нејзината контраофанзива за ослободување на окупираните области и досега се потпира главно на воената помош од своите западни сојузници.

Зеленски повтори дека Украина мора да создаде услови и за употреба на нови борбени авиони. Владата во Киев се надева дека наскоро ќе бидат испорачани борбените авиони Ф-16 што ги најавија Холандија, Данска и Норвешка. Според украинскиот претседател, политички е направено сѐ што е потребно за испорака на авионите, а сега мора да се подготви и инфраструктурата за нивно сместување. „Тоа е воена задача“, рече Зеленски. Во исто време, тој ѝ наложи на војската да се подготви за зимата за, на пример, да ја заштити енергетската инфраструктура што Русија постојано ја гранатираше во минатото. Украина се брани од руската инвазија од 24 февруари 2022 година.