Зеленски не исклучува повлекување од Бахмут
6 април 2023Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на посетата на Полска се осврна на ситуацијата околу источноукраинскиот град Бахмут. „За мене е најважно да не губиме војници и, се разбира, генералите на лице место ќе донесат вистински одлуки доколку состојбата се влошува натамошно и доколку постои опасност да загубиме наши луѓе поради тоа што се опколени“, изјави Зеленски на прес-конференција со полскиот претседател Анджеј Дуда и со тоа првпат алудираше на можно повлекување од градот.
Во интервју за новинската агенција АП, Зеленски неодамна подвлече колку е важно да се брани Бахмут. Доколку градот падне во рацете на руските трупи, предупреди тој, тоа би можело да ѝ овозможи на Москва да собере меѓународна поддршка за договор кој може да бара неприфатливи отстапки од Украина.
Украинската влада досега постојано повторуваше дека нема да се повлече од Бахмут. „Бахмут има важна задача да ѝ нанесе на Русија што е можно повеќе загуби и пред сѐ да обезбеди подготовка на противнапад, кој би требало да се случи на крајот на април или мај“, оцени воениот аналитичар Павел Нарошни за украинското „НВ радио“.