1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: Русија сака да предизвика „глобална катастрофа“

СН/агенции
3 август 2023

Руските напаѓачи со ударите врз украинската пристанишна структура шпекулираат со кризи на пазарот на храна и на зголемување на цените, од кои потоа би можеле самите да профитираат, порача претседателот на Украина.

https://p.dw.com/p/4Uils
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 29 јули 2023 во регионот на Доњецк
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 29 јули 2023 во регионот на ДоњецкФотографија: Ukrainian Presidential/ZUMA Wire/IMAGO

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските напади врз пристанишната инфраструктура покажале дека Москва има намера да предизвика „глобална катастрофа“ со криза на пазарот на храна.

„За руската држава ова не е само борба против нашата слобода и нашата земја“, рече Зеленски во синоќешното видео обраќање.

Тој додаде дека Москва води војна за предизвикување „глобална катастрофа“.

„Во нивното лудило, им е потребен колапс на светскиот пазар на храна, ценовна криза и прекин на снабдувањето“, порача претседателот на Украина.

Напади со беспилотни летала рано во средата го погодија Измаил, главното украинско пристаниште кое се наоѓа преку реката Дунав од Романија, предизвикувајќи скок на глобалните цени на житото.

Големи штети по рускиот напад со дронови врз Измаил
Големи штети по рускиот напад со дронови врз ИзмаилФотографија: Prosecutor General's Office/Telegram/REUTERS

Неколку згради во Измаил беа уништени, со што беше запрено товарењето на бродовите кои се користеа за да се избегне де факто блокадата на украинскиот извоз на храна што Русија ја наметна во средината на јули, кога Москва го напушти договорот за извоз на жито со посредство на ОН и почна да таргетира украински складишта за жито и извозната инфраструктура.

Украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков изјави дека во нападот биле оштетени околу 40.000 метрички тони жито наменети за земјите во Африка, како и за Кина и за Израел.

Последните напади врз пристаништата и индустриската инфраструктура се чини дека имаат за цел да ја уништат можноста за каков било иден договор со Киев за снабдување со жито. Тие беа осудени од американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк, која рече дека Русија нема емпатија за луѓето ширум светот кои се потпираат на украинските прехранбени производи.