Железничка несреќа во Грција - сепак човечки фактор?
2 март 2023До доцна во ноќта се одвиваше спасувачката акција и потрагата по преживеани. Од раните утрински часови таа продолжува. Според информации на властите, и натаму се исчезнати уште 35 лица. Нив ги нема ниту на листата на загинатите, ниту на онаа со преживеани. Бројот на жртви до сега изнесува 42 лица, а може и да расте. Во вечерните часови, вторник спрема среда неделава, два воза се судрија фронтално. Еден од нив меѓуградски, кој што се движел на релација Атина - Солун, со околу 350 патници, а вториот товарен. Во близина на градот Лариса двата истовремено се движеле на иста шина, и покрај тоа што таму има два колосека. На видео снимки од сударот се гледа експлозија со дречливо светло среде мракот.
Температури до 1300 степени Целзиусови
Спасувачите мораат да работат со помош на тешки алати, кучиња трагачи и кранови. Повеќе вагони при сударот излетале од шините, најмалку три од нив се опожарени. „Температурата достигнала и до 1300 степени Целзиусови што го отежнува процесот на идентификација на луѓето кои се наоѓале во нив”, вели портпаролот на противпожарната служба, Василис Вартакојанис.
По продолжениот викенд многу млади луѓе патувале со возот од Атина кон Солун, која што е најважна железничка линија во земјата. До сега нема конкретни информации околу тоа со колкава брзина се движеле двата воза кога дошло до сударот. Грчката телевизија јавува дека биле повеќе од 140 километри на час. Преживеаните раскажуваат дека голем број патници од силината на сударот биле исфрлени низ прозорците. Телата на некои загинати се пронајдени на 30 до 40 метри оддалеченост од вагоните. Други преживеани очајно се обидувале да се ослободат кога патничкиот воз се превртел во полето по сударот.
Железничар ги пратил возовите на исти шини
Сѐ уште е нејасно како можела да се случи несреќата. Во меѓувреме се множат индициите кои укажуваат на грешка на вработен во железницата и задолжен за таа делница од шините. Тој потекнува од Лариса и е приведен, соопштија од полицијата.
Еден колега кој вечерта бил со него, тврди дека приведениот ги пратил двата воза на исти шини и грешката ја забележал предоцна. „Системот функционираше сосем добро. Грешката е целосно кај него", вели колегата и додава: „Тој самиот ми призна. Се работи за чисто човечка грешка."
Штрајк на железничарите
И покрај тоа, делови од железничкиот синдикат се јавија со критики за безбедносни пропусти и погрешни инвестиции во железницата. Синдикатот уште пред една година посочил на ова. Цитат од тогаш: „Нема да седиме и да чекаме да се случи некоја несреќа”. Синдикалците конкретно обвинуваат дека долж железничката мрежа нема дигитални уреди за сигнализација. „Ништо не функционира. Сѐ мора мануелно да се прави, долж цела делница Атина - Солун”, вели Костас Генидунијас, претседател на машиновозачите од Грција. Тој посочува дека нема функционални уреди за сигнализација. „Да функционираат уредите, машиновозачите ќе го видат црвениот сигнал и навремено ќе го сопрат возот", вели Генидунијас.
Железничарите за денес најавија 24-часовен штрајк. Членството на тој начин сака да протестира против хроничното запоставување на мрежата од страна на серија грчки влади, соопштија од грчкиот Синдикат на железницата. „За жал нашите долгогодишни барања за вработувања, подобри обуки и особено користењето на модерни безбедносни уреди, секогаш завршуваа во корпата за отпад”. На штрајкот ќе се приклучат и вработените во Атинската железница, кои се соочуваат со слични проблеми. Во Атина синоќа имаше протести пред седиштето на државната железница и пред парламентот.
Први политички консеквенции
Во меѓувреме беа извлечени и првите политички консеквенции: министерот за транспорт, Костас Караманлис, најави дека се повлекува од фунцијата - веројатно под притисок од премиерот Кирјакос Мицотакис.
Караманлис рече дека го прави тоа „од почит спрема споменот на луѓето кои го изгубија животот на толку неправеден начин”. Тој вели дека презел „сѐ што може” за да ја подобри железничката мрежа која е „во состојба што не е соодветна за 21 век”, но „кога нешто толку трагично ќе се случи е невозможно да се продолжи како ништо да не било”.
Поместување на парламентарните избори
Мицотакис по несреќата изјави дека ќе се најде причината за несреќата и „ќе се направи сѐ за такво нешто никогаш веќе да не се повтори”. Премиерот најави независна истрага и додаде дека до несреќата дошло „главно поради трагична човечка грешка”. Владата најави тридневна жалост во земјата.
Несреќата веројатно ќе се одрази и на претстојните парламентарни избори во Грција. Тие првично беа планирани за април годинава, но се чини дека сега ќе бидат поместени за мај или можеби дури и јули. Владата на Мицотакис ќе мора да одговара на непријатни прашања.