1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значењето на „смачканото племе” кај Блаже Конески

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
11 декември 2023

Колку е тажно што како Македонци немаме повеќе уши што би го разбрале пророчкото слово на Блаже Конески! Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4a0GR
Споменикот на Блаже Конески во Скопје
Споменикот на Блаже Конески во СкопјеФотографија: MIA

Кон стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески во 2021-та, неодамна починатиот толкувач на  неговото лирско дело, Атанас Вангелов, напиша во  есејот „Конески и Петрушевски”  дека  „Европа и светот кај нас – тоа се делата на Конески и Петрушевски. Ние им должиме многу на тие двајца колоси на нашата модерна култура. Во прв ред затоа што нивните дела ни помагаат не само подобро да се запознаеме, туку и подобро да се разбереме себеси", заклучува  Вангелов.

Да размислувам за македонското себеразбирање деновиве ме поттикна повторното читање на збирката „Послание” (1987) на Блаже Конески. Во неа е песната „Спомен по многу години”.Таа е објавена само пет години пред неговата смрт 1993-та. Споменот по многу години, всушност,  е  спомен на друга песна на Конески со наслов „Спомен”, од 1939-та. Споменот на  таа песна за поетот останал непроменет и по многу години. Суштественото е еден стих од песната „Спомен” од 1939-та, за која вели дека ја напишал  кога имал „неполни дваесет години”. Интересно е што и  насловот на младешката творба се повикува на спомен. Во првиот стих на  длабоко меланхоличната песна,  Конески  го опишува споменот на „белите магли и една пуста есен по нашите полиња”. Веќе вториот стих ни појаснува дека се работи за меланхолијата на тој што заминува. „Бегаше возот наврнат, жално рикаше; бегаа селата есенски од мене и ридје голи тонеа во далечината”. Јасно е дека се работи за разделбата од татковината. Конески продолжува со се‘ посилни слики за  тагата при разделбата од дома. Сликата за „расплаканата, кална приквечерина” е  најтажниот израз  за болката на тој што зад себе го остава светот од кој потекнува. „Чад ми влегуваше в гради”, пишува поетот. Тоа сведочи дека тој се задушува од болка. Чадот може да е  оној на локомотивата на возот, но и последниот здив со кој го вдишал чадот од своето огниште. „За тебе  мислев, земјо татковино, тага се склучка в гради”, се сеќава поетот.

„Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“, извикува поетот. Неговата тага се буди при споменот за  „децата пргави на света борба ветени“. Тие биле оние „потурнатите, поплуканите“. Тие  кои  умирале на „крвави раскрсници ужасени“. Како што возот „рикаше во темницата, така рикаше мака во мене дека сум роден во згазено племе“, заклучува Конески. На крајот сознаваме дека на чувството што го опишува песната „Спомен“ од 1939-та се сеќава заминатиот кога  по подолго време се враќа во својата „земја песочлива“. А од длабочината на душата се буди споменот „за бели магли по нашите полиња, за песна од налани по нашите калдрми...“Патриотскиот мотив за  трагичната смрт на „пргавите деца“ кои умирале на „крвави раскрсници“, во оваа младешка песна на Конески е толку впечатливо вплетен со  суптилниот лирски набој на поетските слики за татковината. Таа длабока меланхолија во неговите поетски слики е слична на истата меланхолија во филмските слики на Андреј Тарковски во филмот „Носталгија“.

„Сејач на глуво семе“

 Зошто по  половина век Конески повторно пишува песна за споменот на таа „мака“ што рикала во него, опишана првпат во „Спомен“ од 1939? Уште повеќе, зошто во песната од 1987-та Конески пишува дека и „по толку долго време го следела истата мака“? Зачудува што пишува дека  таа „мака" станала „дури и поголема“, кога Македонците во својата република не беа повеќе ниту „потурнатите“ ниту „поплуканите“. Вели дека тој, „сејач на глуво семе“, можел   „дури и да го смени  малку зборот“ и сега можел да  рече: „уште рика истата мака во мене дека сум роден во смачкано племе.“  За разлика од  дневно-политичкото толкување и присвојување на синтагмата „смачкано племе“ во актуелната национално-патриотска  и партиска реторика, Конески ја звршува песната со еден неочекуван пресврт. Тој ја поставува „маката“ заради „смачканото племе“ во личен контекст. Тој сака да верува дека не било „туку така“ што токму тој бил „подложен на таков искус и на таква мака.“ Во сето тоа морало да има некоја подлабока смисла. Овој поетски изрек  прави од него пророк   од видот на старозаветните пророци. Како пророкот Еремија, кој не престанува да страда заради неверството на Израел кон Бога. Старозаветните пророци го носат како свој личен Крст страдањето на еврејскиот народ.  Атанас Вангелов укажува во својот есеј дека Конески и во песната за Прличев  зборува за „избраноста“ за мака. Прличев  бил избран да ја „истрада“ во својот живот „сета невола и тага и сета ропска потиштеност грда на еден народ...“

Притоа е загадочна сликата, со која Конески себеси се опишува како „сејач на глуво семе“. Сликата со сејачот неминовно потсетува на „Сејачот" во Евангелието. Додека кај Конески  поетот  е „сејач на глуво семе“, во Евангелието семето е добро, но некогаш паѓа  во трње. Кај Конески семето  е глуво пред да ја допре земјата. Мисли ли тој со „глуво семе“ на своето творештво, кое е „плодно семе“ само кога има луѓе што го слушаат, кога тоа не останува за нив „глуво“? Дали  со „семето“ што го сеел и кое останало „глуво“ тој мисли на   неговите заложби и завети кои кај неговите следбеници не нашле „плодна почва“? Што било тоа што во половината век слобода за Македонците направило  за Конески уште силно да „рика” маката во неговата душа затоа што припаѓа на „смачкано племе”? Која е таа „ропска потиштеност грда“ на неговите современици, која за него ја зголемува старата „мака“? 

„Завет“ за современите Македонци

Ми се чини, дека оваа песна е вистински „завет” за нас, современите Македонци. Таа треба да не‘ поттикне да се соочиме  со себеси како Македонци и со нашата претстава за себеси. Зашто разбирлива е „маката” што „рикала” во душата на Конески во историската состојба во која ја пишувал песната „Спомен”  во 1939-та.Тоа е времето кога Вардарска Македонија била  дел од Кралството Србија. Меѓутоа како да се разбере зошто таа „мака” за него по половина век во самостојната македонска република станала дури и „уште поголема”? Тоа што Конески го  „посеа” беа темелите на македонскиот јазик, на македонската литература и на македонската култура воопшто. Тој беше втемелувачот на речиси сите македонски културни институции. Што можело, по половина век работа на тоа „поле”,  да направи тој да се доживува како „сејач на глуво семе”? Дали на крајот на животот тој сознал дека „згазнатото племе” не успеало во тој половина век да стане самосвесно и да ги почитува  делата кои тој ги „посеал”? За мене, синтагмата „сејач на глуво семе” значи горчина, затоа што, можеби, Конески чувствувал дека новите генерации не се повеќе свесни за значењето на  неговото дело за тоа што денес го нарекуваме „македонски идентитет”. Конески веруваше дека македонскиот јазик е нашата „целосна и единствена татковина”. Што би рекол тој денес, кога би се соочил со негрижата за македонскиот јазик токму кај современите Македонци? Што би напишал тој денес, доколку би сознал дека на многу малку странски универзитети има лекторати за македонски јазик?

Можеби Конески сака да не‘ поттикне да сознаеме дека пострашно од тоа да  сме „смачкани” од „туѓа” чизма е кога самите  ги уништуваме плодовите што ги посеале втемелувачите на македонската писменост.Од перспективата на последната песна на Конески за „смачканото племе”, за себе сознавам  дека пострашна од „смачканоста” во некогашното ропство е „смачканоста” на духот кај современите Македонци, кои ги имаат сите услови да  ја надминат таа „ропска потиштеност грда”, но тие во меѓувреме се вљубиле во улогата на жртва само за да не се соочат критички со себеси и со своите недостатоци. Притоа, без вистинското соочување со себеси не е возможна промената, како во личниот живот, така и во општеството. Колку е тажно што како Македонци немаме повеќе уши што би го разбрале пророчкото слово на Блаже Конески!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.