Лавина реакции по разрешувањето на кардиохирургот Јовев
6 јуни 2023Лавина реакции предизвика во јавноста разрешувањето на познатиот македонски кардиохирург, Сашко Јовев од челната функција на Клиниката за кардиохирургија во Скопје. Реномираниот доктор, кој го предводеше тимот којшто ги изврши првите трансплантации на срце во земјата, на прес- конференција побара да се преиспита одлуката за негово разрешување. Поддршка доби од неговиот тим, кој застана зад него.
„Цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна еднаш во оваа наша мала напатена земја и да ги оставиме професионалците да си ја вршат својата работа. Успесите на оваа клиника се успеси на сите нас, на државата и токму на министерството за здравство. Сметаме дека за вака ситни пропусти, ете нека се и наши, не треба да има разрешување“, изјави кардиохирургот Јовев.
Тој во понеделникот (05.06) беше разрешен од функцијата со образложение дека повеќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат. Министерот за здравство Фатмир Меџити тврди дека нема политика во разрешувањето, туку индиции за направени злоупотреби
„Секаде каде што ќе има злоупотреби, со мене како министер, ќе има и санкции“, рече Меџити при денешната посета на Клиниката за ендокринологија. Јовев, пак, е дециден дека на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија нема нерегуларности.
Политички реваншизам или злоупотреби?
Докторот Јовев смета дека иницијалната каписла за ваквиот развој на настаните може да биде некоја суета, некое недоразбирање. „Како таа оди нагоре и како сакаат да жртвуваат некој што направил нешто за оваа држава, веќе може да има некаков политички пазар“, изјави кардиохирургот, кој на клиниката беше пречекан од вработените, но и од пациенти на коишто им го спасил животот. Јовев тврди дека последниот период бил изложен на големи притисоци и дека причината за неговото разрешување, како што е наведено во решението, се две дежурства во 2022 година за кои не добил согласност од тогашниот министер за здравство.
„Конечно во оваа држава мора да победи правдината. Не сакаме да се работи за политика, сакаме да се работи професионално за она што го работиме 24/7 за она што се жртвувавме за оваа земја, сите заедно“, вели Јовев. Тој укажува дека .имал притисоци дека направил грешка, во протоколот за организирање на настан минатата недела кога беше отворена нова хибридна сала и беше пуштен во употреба апарат кој одржува пациент во живот без бели дробови или без срце три месеци додека не се најде орган за трансплантација. Сите биле уредно поканети, но министерот за здравство не дошол, бидејќи сметал дека поканата му била доцна испратена.
„Во нашава земја само успехот не се простува. Со ова им даваме пример на младите дека ако се учи, создава, ако се сака земјата, ако се биде бескрајно пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните светски клиники, не чини, туку дека треба да ја напуштиме клиниката и земјата“, рече Јовев.
Тужба поради разрешувањето
Адвокатот Мите Михајловски најави тужба поради разрешувањето на Јовев, наведувајќи дека тоа е „навреда за здравјето на сите нас“. Според него, во решението за разрешување било наведено дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. .„Како може оваа клиника да нема дежурство? Не може. Значи, злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Така што, апсолутно нема никаква причина за разрешување и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку е друго нешто во позадина“, изјави Михајловски.