Зошто младите Балканци си ја бараат среќата на Запад
12 август 2024Низ балканските земји со години кружи еден циничен виц: Како да ги рекламирате Германија и Австрија во регионот? Апелот на туристичките компании веројатно би бил: „Навратете, децата ви се веќе овде!“
Вака германската католичка агенција КНА ја почнува својата анализа на проблемот со иселувањето на младите од Балканот. Во текстот натаму се вели:
„Но, на Софија Тодоровиќ не ѝ е до смеење. Кога активистката за човекови права од Белград размислува за претстојниот Меѓународен ден на младите (12 август), на памет ѝ паѓа зборот 'криза'. Балканскиот регион страда многу поради иселувањето на помладата генерација во последните години. Според Германската централа за политичко образование (БПБ), речиси секој трет Македонец сега живее во странство. Состојбата е уште полоша во Албанија и Босна и Херцеговина, каде процентот на иселеници во вкупното население е речиси 42, односно 50 проценти.
БПБ укажува на фактот дека емигрантите имаат одлучувачки придонес за поддршка на своите семејства дома. 'Во сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Северна Македонија, дознаките сочинуваат околу десет отсто од БДП. Сепак, Тодоровиќ е убедена: 'Ни недостасуваат овие умни глави. Без овие космополитски, талентирани, креативни, вредни и ориентирани кон ЕУ луѓе, во прашање е доведена и иднината на соодветните земји.' Младата Србинка е директорка на Младинската иницијатива за човекови права (YIHR). Мрежата, со канцеларии во Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, ги поврзува младите преку националните и етничките граници.
'Владата треба помалку да гради згради, а повеќе да инвестира во луѓе', вели таксист во косовскиот главен град Приштина. Тој не е постар од 30 години, како и околу половина од неговите сонародници. Секој трет Косовец е дури и помлад од 18 години. Во исто време, земјата, која прогласи независност во 2008 година, има невработеност кај младите од 19 проценти. Во меѓувреме, сѐ повеќе млади Косовци се прашуваат: Зошто да се работи за месечна плата од нешто повеќе од 500 евра кога во Виена, Берлин или Базел се заработува над четирипати повеќе? Во Приштина не недостигаат понуди за курсеви по германски јазик.
Проблемот ѝ е познат и на активистката Тодоровиќ од Белград. Сепак, таа верува дека економското закрепнување само по себе нема да го реши проблемот со емиграцијата - и обрнува внимание кон проблемот што често се превидува на Запад: 'Најголемиот предизвик за младите во регионот е несигурноста. Тоа произлегува од недостатокот на доверба во институциите и недостигот на владеење на правото во земјите од регионот, тоа ги загрижува.“
Навистина, 30 години по југословенските војни, политичката ситуација на Балканот останува несигурна. Србија се расправа со Босна и Херцеговина, Косово и Хрватска, Хрватска со Црна Гора, а во последно време ситуацијата беше загреана и меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција. Се работи за национализам, справување со минатото и правата на политичките малцинства. Проблемите се стари, заканите актуелни. 'Младите не сакаат да живеат во земја во која на вестите секојдневно се известува за војна што може да избие. Тие не сакаат да живеат во земја каде што климата е диктирана од гласини дека сите работат против нас и ние постојано би морале да се браним', вели Тодоровиќ.
Нејзината татковина Србија е посебна приказна. Таму, покрај сеприсутниот национализам доаѓа и авторитарната влада на претседателот Александар Вучиќ. Таа има големо влијание врз судството, медиумите и Српската православна црква. Притоа, таа се служи и со незавршениот мултиетнички конструкт на Балканот. Тодоровиќ ги обвинува властодршците дека ја злоупотребуваат „траумата што сè уште владее во регионот“ за политички цели.
Што може да се направи за да се осигура дека младите од Југоисточна Европа ќе останат и ќе ја користат својата младешка енергија за да помогнат во изградбата на својата земја? Потребно е повеќе владеење на правото, а помалку национализам, вели Тодоровиќ. Затоа, IYHR се потпира на политичкото образование и нуди алтернативен поглед на работите: 'Покажуваме дека мирот во регионот е можен, дека можеме да работиме заедно со нашите врсници од другите земји. И дека искуството од минатото не мора да се користи како оружје против нашите соседи, туку може да биде и алатка за мир'“, се вели во текстот на агенцијата КНА.