Со оглед на тоа во какви времиња живееме, европската одбрана напредува премногу бавно. Европа се соочува со две војни на своите граници. Војни кои најверојатно ќе потраат и кои веќе спаѓаат во категоријата: „војни без победници“.
Најдобриот пример е ситуацијата во Украина, каде најверојатното сценарио е дека ниту една од страните на крајот нема да победи, а земјата мошне веројатно ќе се подели, според корејскиот преседан. Ваквите типови на војна или исцрпувачките војни ќе станат своевиден стандард во иднина, а ние уште сега гледаме дека нивната потрошувачка и зависност од артилеријата, системите на воздушна одбрана и дроновите, само ни потврдуваат колку е важна индустриската основа на одбраната.
Русија веќе неколку години прејде кон воена економија финансирана во најголем дел од нејзиниот БДП. Европа конечно сфати дека има потреба од одбранбени капацитети, затоа што постојат евидентни закани на нејзините источни граници, на што се придодава и блискоисточната криза, и затоа што САД, победил или не Трамп, планира да се фокусира на Индо-Пацификот. Тоа значи дека или НАТО ќе мора да стане поевропска или пак нема да го издржи тестот на времето.
Одбрана без НАТО?
Проблемот или парадоксот е што се уште не сме во состојба да ја замислиме заедничката европска одбрана без НАТО. Од проста причина што цената за создавање вистински стратешки автономна Европа е огромна, односно, секоја земја би требала веднаш да почне да издвојува околу 6% од БДП. Другиот проблем е што од секоја идна европска одбрана не смее и не може да се исклучи Велика Британија, како поморска и нуклеарна сила со одредена тежина.
Оттука и парадоксот: иднината на европската одбрана е во НАТО, а не во ЕУ - но, иднината на НАТО не може да се реализира без Европа. Тоа е актуелната ситуација, каде сепак, со тек на времето, европското крило на НАТО, ќе мора да прерасне во инкубатор на заедничката европска одбрана.
Од тој аспект добредојдена е новопронајдената француска иницијатива и нејзиното позиционирање наспроти новата европска стратешка агенда која ќе се дискутира на следниот Европски совет од 27-28 јуни. Макрон го вклучи алармот: „Европа е опколена“ од закани и не е „доволно вооружена“ наспроти предизвиците предизвикани од „бескруполозни регионални сили“ како Русија и Кина. Постои ризик Европа да умре, предупреди Макрон, затоа што Европа не е доволно вооружена да се соочи со ризиците.
„Нема одбрана без одбранбена индустрија, ние со децении не инвестираме доволно“, додавајќи дека Европејците треба да му дадат предност на купувањето европска воена опрема. „Мораме да произведуваме повеќе, мора да произведуваме побрзо и мора да произведуваме како Европејци“. Макрон во својот говор ќе забележи и оти се завршени деновите кога Вашингтон ја гарантирал безбедноста на Европа, како и дека тоа најмногу било изразено по инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја изврши во Украина и со тоа ја донел војната во дворот на Европа. „Европа мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара и со сите други региони во светот“.
Од тој аспект Макрон уште еднаш ја евоцираше потребата од заедничка европска одбрана, заговарајќи и можеби еден заеднички европски антиракетен штит, додека во исто време на европските партнери им ја понуди заштитата од францускиот нуклеарен арсенал, затоа што тој е во „центарот на стратешката одбрана на Франција“ и оттука е есенцијален елемент за одбрана на европскиот континент. Станува збор за драматична промена на воената доктрина, стратегија и парадигма за европската одбрана, особено што француската нуклеарна сила, досега постоеше само за национални цели и никогаш не беше дел од НАТО арсеналот.
Единствената европска нуклеарна сила
Прашањето е зошто сега француската нуклеарна сила би требало да стане централен елемент на европската одбрана, кога таа привилегија не важела ни за НАТО? Одговорот е дека фактот што Франција е единствената европска нуклеарна сила ја става во привилигирана и доминантна позиција, способна да ги ориентира идните стратешки одлуки на ЕУ и на континентот. Затоа, сега Франција нуди, за утре да може да ги насочува промените кои неизбежно мора да се случат.
Проблемот повторно, и тоа Макрон одлично го знае, е што францускиот нуклеарен чадор не е доволен за да постои заедничка европска одбрана, макар и сите членки тоа го прифатиле и се надоврзале со изградба на вектори и инфраструктура за да се оддржи во живот француската „Force de Frappe“. Сила, која и покрај гарантираните 50 милијарди евра во следните 8 години, сепак тежи единствено врз францускиот одбранбен буџет.
Тука се враќаме на примарното прашање: ќе може ли Европа да создаде сопствена одбрана и примарно да ги преземе довчерашните заложби покриени од САД? Затоа што времето на делегирања и американска безбедносна гаранција е завршено!
Европа тоа би го можела под еден клучен предуслов, а тоа е да се надмине актуелната индустриска фрагментација. Европската одбрана е попречена од фактот што националните држави продолжуваат да инвестираат во сопствени системи на вооружување, нешто што произведува неверојатни дуплирања и не дозволува да се создадат европски „индустриски шампиони“.
Резултатот од тоа е што и покрај зголемувањето на европската потрошувачка за одбрана (300 милијарди евра во 2023-та), сепак не се генерира агрегиран воен и одбранбен капацитет соодветен на денешните потреби. Потоа, како што и Макрон забележа од Сорбона, Европа купува премногу оружје од надвор. Затоа, преминот од национални политики на воени набавки кон вистински европски „procurement“, кој денес е слабо финансиран - е нужна и неопходна транзиција.
„Економија во тревога“
Потребни се и нови правни и економски инструменти кои би дозволиле Европа да излезе од „мировната економија“, да премине кон „економија во тревога“, за потоа конечно да прејде во „воена економија“. Од тој аспект ќе бидат клучни новата Европска Комисија и новиот Европарламент со цел да донесат и да спроведат нови иницијативи кон Европска одбрана. Затоа и Макрон сака познавач на реалноста како Марио Драги да ја преземе Европската Комисија, и потоа да му објасни и на европското јавно мислење дека повеќе не живееме во ера на мир и напредок, туку во епоха на војни без крај и без излез, под постојана закана од светските и регионалните сили и автократии.
За таа цел ќе мора да се аболира клаузулата која на Европската инвестициона банка и забранува да финансира воени програми. Мора да се сфати дека потрошувачката за одбраната не е непотребно расфрлање со пари, туку нужна инвестиција за „општото добро“. Тоа е задача и на бројните национални лидери кои треба да се соочат со сопствениот електорат и со јавното мислење кои имаат подзаборавено што значи воена закана и дека живееме во времиња во кои мирот повторно многу скапо ќе се плаќа.
На Европа и е потребна културна и психолошка промена, свест и разбирање за новото време, со цел да се остварат неопходните политички и индустриски промени. Тука ќе се крши идното европско реформирање, интегрирање и проширување. Не е се во уставните промени, кои да - се неопходни, но не се и единствениот предуслов за наша интеграција во ЕУ. Кога Европа ќе ги направи нужните политички и индустриски реформи, кога ќе се постави стратешки кон актуелната геополитичка реалност, тогаш и со поголема леснотија ќе разбере дека интегрирањето на земјите од Западен Балкан, е само уште едно неизбежно делче од поголемата сложувалка. Камо среќа тоа да го разберат и нашите краткогледи политичари и квазиевропејци. Проблемот повеќе не е помеѓу независност и обединетост, проширување или одржување, туку помеѓу постоење како целосно обединета Европа или исчезнување.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.