1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намалувањето на јавното осветлување е добро за здравјето

Тим Шауенберг
17 септември 2022

Германските градови стануваат сѐ помрачни, со што не само што се заштедува струја и пари, туку тоа во иднина може позитивно да се одрази и на здравјето, климата и биодиверзитетот.

https://p.dw.com/p/4GkXX
улично осветлување
Поради повисоките цени на енергијата, многу германски градови престанаа да ги осветлуваат знаменитостите, спомениците и истакнатите згради Фотографија: Michael Reichel/dpa/picture alliance

Поради повисоките цени на енергијата, многу германски градови во последните неколку недели престанаа да ги осветлуваат знаменитостите, спомениците и истакнатите згради како што се градските сали, музеите и библиотеките. Во Берлин се исклучуваат рефлекторите на вкупно 200 згради, па знаменитостите како Столбот на победата или Берлинската катедрала се во темница во текот на ноќта. Од 1 септември, Регулативата за заштеда на енергија на сојузната влада официјално го забрани надворешното осветлување на јавните згради, а светлечките реклами може да бидат осветлени само неколку часа на ден.

Градот Вајмар ги вклучува уличните светла 30 минути подоцна наутро и ги исклучува 30 минути порано. Тоа сепак нема да резултира со темни улици. Позитивните „нуспојави“ од замрачените градови се повеќекратни.

Исклучувањето на светлата во градовите, или на влезните врати, и осветлувањето само таму каде што навистина е потребно, не само што заштедува струја и пари, туку има и директен ефект врз климата и биодиверзитетот.

Помалку светлина - помалку светлосно загадување

осветлување мрак темнина светло
Италија и Југоисточна Европа од воздух: нема повеќе тотален мракФотографија: NASA

Невладината организација „Меѓународна асоцијација за темно небо“, проценува дека секоја вечер околу една третина од сите надворешни светла во САД горат непотребно. Дури и пред енергетската криза и растот на цените, исклучувањето на овие светилки може да заштеди три милијарди долари годишно. За Германија сè уште нема такви податоци, но имајќи предвид дека фосилните горива сè уште се главен извор на енергија ширум светот, едноставното исклучување на непотребните светла помага да се намали загадувањето на воздухот и штетните емисии.

Во Индија, на пример, екстремното осветлување испушта 12 милиони тони CO2 годишно, изјави за ДВ Паван Кумар од Централниот земјоделски универзитет Рани Лакшми Баи во Индија. Тоа е околу половина од емисиите произведени од вкупниот воздушен и поморски сообраќај во земјата годишно. Подоброто управување со светлината може значително да ги намали штетните емисии.

Денес, над 80 отсто од луѓето живеат под светлосно загадено небо, во Европа и САД дури 99 отсто. Овде, вистинска темнина практично веќе не постои. Во Сингапур има дури и толку многу светлина што очите на граѓаните веќе не можат целосно да се прилагодат на темнината.

Одамна постојат начини да се намали светлосното загадувањето без да се седи во темница. Онаму каде што светлото не е потребно, може да се исклучи. Ова се однесува на становите, но и на улиците, парковите и јавните површини. Тука од голема корист можат да бидат детекторите за движење. Абажурите ја насочуваат светлината онаму каде што е навистина потребно и спречуваат расфрлана светлина што го одвлекува вниманието.

Зошто ни треба темнина

ноќ спиење светлина сон
Светлината делува лошо на сонотФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

Доволната ноќна темнина е добра и за здравјето. Истражувањата покажуваат дека болестите на очите, несоницата, дебелината, а можеби дури и депресијата се поврзани со вештачката светлина. Ова вклучува изложување на екрани и бело ЛЕД светло во затворен простор пред спиење, што може да го наруши режимот на спиење.

Еден хормон е особено важен: мелатонин. „Ако не го произведуваме овој хормон затоа што сме изложени на силна светлина дома или како работници во смени, тогаш нашиот биолошки часовник се соочува со проблем“, вели Кристофер Киба.

Друга студија покажува дека децата и тинејџерите кои живеат во области со многу вештачка светлина спијат помалку и имаат поголема веројатност да страдаат од емоционални проблеми.

Вештачката светлина ноќе е „една од најдраматичните интервенции што сме ги направиле во биосферата досега“, вели д-р Кристофер Киба, геоинформатичар од Геолошкиот научен институт во Потсдам за ДВ. „Во текот на еволуцијата, постоеше постојан сигнал кој доаѓаше од околината. Ова е ден, ова е ноќ, ова е месечевата фаза. Во областите со високо светлосно загадување, овој сигнал се промени“, продолжува Киба.

Затемнувањето или делумно исклучувањето на уличното осветлување, би можело да биде и прв чекор кон спречување на таа појава во иднина, дури и ако новите регулативи веќе не треба да важат. Според една студија од 2015 година во Англија и Велс, интензитетот на осветлувањето немал ефект врз стапката на несреќи или криминал во одредени области.

И животните и растенијата ја сакаат темнината

инсекти улично осветлување
Изгаснатите светилки би можеле да спасат цели популации на инсекти во летоФотографија: David McNew/Getty Images

Но, и на животните им треба темница. Птиците, кои претходно лесно можеа да ја изгубат својата ориентација над светлото градско небо, ќе имаат поголеми шанси да ја задржат својата траекторија над потемните градови.

Ова е особено важно за инсектите. Изгасените светилки би можеле да спасат цели популации на инсекти во лето. Светлината има огромна привлечност за сите ноќни инсекти, од комарци до муви и молци. Само во Германија, околу 100 милијарди инсекти умираат секое лето поради вештачка светлина која ги привлекува инсектите. Силната улична светилка ја заменува Месечината, која животните вообичаено ја користат за ориентација. Резултатот на тоа е што инсектите не можат, а да не летаат околу изворот на светлина без престан. Следниот ден тие се толку исцрпени што веќе не можат да се размножуваат, умраат или стануваат лесен плен.

Ова има последици и за опрашувањето на растенијата. Студијата објавена во 2017 година покажа дека растенијата што растат во близина на улични светилки значително поретко опрашуваат ноќе и произведуваат помалку плодови од неосветлените растенија. Дрвјата исто така го чувствуваат влијанието на светлината ноќе. Тие ќе никнат порано ако се во близина на улични светилки.