1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Румен Радев „избега“ од Софија?

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев
1 јуни 2024

Бугарскиот претседател Радев замина во посета на Унгарија и Швајцарија во време кога во Софија се одржуваше Парламентарното собрание на НАТО. Зошто Радев реши да „побегне“ од овој важен настан? Пишува Веселин Стојнев.

https://p.dw.com/p/4gPIl
Бугарија претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

Претседателот на Бугарија, Румен Радев врховен командант на држава членка на НАТО и генерал на НАТО, замина во многу итна посета на Унгарија и Швајцарија, додека Софија беше домаќин на Парламентарното собрание на НАТО - клучен меѓународен настан за земјата во последните неколку години. Радев објасни дека не побегнал од Бугарија, бидејќи неговите посети биле договорени многу пред да се закаже Собранието - иако дури и на недипломатите им е јасно дека и да беше така, немаше да има проблем таквите посети да се одложат за неколку недели или месеци. Згора на сето тоа, претседателот Радев, кој се декларира дека е бескомпромисен бранител на бугарските интереси во однос на Северна Македонија, никогаш не кажа дали за време на неговата толку важна средба со Виктор Орбан го поставил прашањето зошто со години го засолнува осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски и зошто блиски до него олигарси ги поддржуваат скопските медиуми кои шират антибугарска пропаганда.

Свој меѓу странците, туѓинец меѓу своите  

Всушност, Румен Радев не би се чувствувал пријатно да се сретне во Софија со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и да биде првиот по ранг што ќе биде домаќин на претставниците на парламентите на 32-те земји-сојузнички на пактот. Не само затоа што тој ќе биде примен од нив со повеќе од ладна дипломатска учтивост како добро познат русофилски НАТО-вец. Тој многу повеќе се чувствува на своето место во Будимпешта со најжестокиот путинофил во Европската унија - Виктор Орбан, од каде уште еднаш го прогласи своето миротворно кредо за војната во Украина.

Документот од софиската Асамблеја на НАТО е историски, иако ова тело не носи никакви фактички одлуки, особено за тоа кое оружје каде да се користи. Но, тој изразува нашироко легитимна политичка волја врз основа на гласањето на претставниците на парламентите на земјите-членки. И ова е важно охрабрување за суверените земји од пактот кои воено ја поддржуваат Украина, бидејќи руската армија заканувачки напредува и ги бомбардира украинските градови од нејзината територија, без украинската армија да може да се спротивстави со напади врз изворите на ударите на територијата на агресорот, со оружје што и го дава Западот – токму поради ограничувањето да се користи само на сопствена територија. 

Едно не може да се негира, за бугарскиот претседател, од првиот ден на инвазијата на Русија, виновникот не е виновен, а војната е како природна појава - како дожд со громови, излеан над Украина. И затоа мирот може да се постигне ако Украинците се согласат да предадат територија и население онолку колку што врнело и грмело. Сепак, тој мора да излезе со нови аргументи откако Столтенберг го демантираше стравот дека ќе испратиме војници во Украина, исто како и вршителот на должноста премиер Димитар Главчев.   

Бело знаме  

Новиот аргумент на Радев е дека штом некоја земја дозволи со нејзиното оружје да биде нападната руска територија, таа станува цел на одмазднички руски удари, како што предупредува Москва. И сите земји од Алијансата, на овој или оној начин, ќе бидат вклучени во војна, бидејќи според членот 5 од договорот за НАТО, напад врз една земја-членка е напад врз сите. Сепак, самиот претседател, кој е неприкосновен воен професионалец, не го допира подеднакво разумното прашање дали, доколку Бугарија ја доживее судбината на Украина, тој не би го следел примерот на неговиот славен француски колега, маршал Петен, во 1940 година, со подигање на белото знаме и прогласување на марионетска држава.  

Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев Веселин Стојнев е аналитичар и колумнист на бугарската редакција на Дојче веле од 2020 година
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема