1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се протерани тројцата руски дипломати од Скопје?

ДТЗ
26 септември 2023

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека тие работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе да се вмешаат во стратешки национални интереси на земјата.

https://p.dw.com/p/4WpPq
Славјанка Петровска
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека протераните руски дипломати се обиделе да се вмешаат во стратешки национални интересиФотографија: MOD North Macedonia

Тројцата руски дипломати кои неодамна беа протерани од Северна Македонија работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе да се вмешаат во стратешки национални интереси на државата. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска (26.09) одговарајќи на новинарско прашање ја образложи одлуката од 12 септември, кога тројца руски дипломати се прогласени за непожелни во Северна Македонија. Нивното протерување Русија го оцени како неодговорен и непријателски чин. Покрај тројцата дипломати, забрана за влез во земјава доби и рускиот архимандрит Васијан (Змеев Николај Валериевич). 

„Што се однесува на последното протерување засега станува збор за лица кои работеле спротивно на дипломатските правила, меѓутоа очигледно е дека со правилата согласно речникот на безбедносно-разузнавачките служби се обиделе или сакале да се вмешаат малку повеќе во стратешките национални интереси на нашата држава. Наша стратешка цел е членството воНАТО и ЕУи секој еден кој ќе се обиде да го попречи тој пат не можеме да го сметаме за пријател, особено не ако тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите или кои било други субјекти во нашата држава“, изјави Петровска на прес-конференцијата во Скопје со словенечкиот министерот за одбрана, Марјан Шарец. 

МНР Северна Македонија
На 12 септември, МНР ги прогласи тројцата руски дипломати за непожелни во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Систем на заштита

Според неа, Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од какви било влијанија „вклучително и на вакви злонамерни“. „Тоа се сите оние влијанија за кои сметаме дека се спротивни на нашите стратешки и национални интереси, следствено на тоа сакам да ја поздравам и работата не само на военото разузнавање, туку и на другите безбедносно-разузнавачки служби, кои очигледно добро си ја работат својата работа, закана од таков тип директно кон припадници на министерството или на Армијата не сме детектирале“, вели Петровска.

На 12 септември, во македонското Министерство за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata).