А зошто Црвенковски да не биде мандатар?
6 ноември 2021Порано, во чудесните времиња на весниците и нивното извонредно влијание во јавноста, врвните пера одвреме-навреме пишуваа еден жанр со кој ја доведуваа до апсурдност одредена појава, некои личности или настани. Тој жанр – козерија, некогаш кажуваше повеќе од големите теми и анализи. Козеријата не е загубена денес, но станува толку ретка како зелен дијамант.
Па... по конфузијата по оставките на Зоран Заев и на премиерското и на лидерското место во партијата, логично беше во владејачкиот камп неочекувано да пораснат амбициите на луѓе кои мислат дека имаат способност, знаење и умешност да станат нови гувернери на македонската држава. Неприродно би било да нема, без оглед колку тоа може да значи самоизмама.
Но зошто вистинскиот човек за овие немирни времиња да се бара во слабоискусните политичари, кај оние кои велат дека имаат ново парламентарно мнозинство, кај оние кои во основа не знаат што значи кога треба да се донесе одлука или не можат да ја видат целата слика – и онаа што не се гледа зад хоризонтот. Има ли подобар човек за поминување низ сите македонски сцили и харибди од Бранко Црвенковски. Одете, прашајте илјада луѓе и од левицата и од десницата ,дали мајсторот на политичката игра и владеењето не е способен да го провлече македонското општество (а и економија) покрај чудовиштето кое има дванаесет нозе и шест долги вратови, или она друго пострашно чудовиште кое три пати дневно голта морска вода и сѐ што се наоѓа во неа, а потоа го исфрла.
Македонскиот Одисеј
Од илјада луѓе 600 ќе ви речат дека Црвенковски е како Одисеј, тој секогаш излегува како победник. Видете ги последниве година-две панагириците што се појавуваат по медиумите што се испостави на македонската десница како се глорифицира политичката уметност на Бранко Црвенковски. Речиси и да нема политичар ни во десницата кој би му бил рамен – тие сите, всушност, како да се негови студенти. А знаеме каков респект имаат студентите кон професорот со огромно знаење и авторитет.
Повеќе од авторот: Што да се прави со победата... и со поразот
Тогаш зошто Бранко Црвенковски да не биде следниот мандатар кој ќе го избере конклавата на старите или новите коалициски лидери од владата. Со најголем број од нив многу добро се знае – Заев го наследи на лидерското место во СДСМ (едно време пред 2009 година дури и му го грееше столчето на Црвенковски во партијата додека не му заврши првиот и единствен мандат како претседател на државата). Со Али Ахмети извршија елегантна и револуционерна трансформација на борците на ОНА во политичари по изборите во 2002. За ривалството, спектакуларните телевизиски дуели, а потоа дружбата со Љупчо Георгиевски не треба многу да се зборува. Најпосле завршија како коалициски партнери. На одреден начин тие се двете страни на истата сребрена монета, само што едната секогаш е светната, а другата исцрнета од нечистотија. Тито Петковски? Па тој со години во Бранковото време беше втор човек во СДСМ, беше и претседателски кандидат на партијата. Тие двајца можеби и најдобро се знаат. И со Павле Трајанов имаат одлично познанство, уште кога во средината на 1990-те тој беше дел од високите структури во МВР, а подоцна во времето на владата на Георгиевски беше и министер на полицијата. Со Мендух Тачи не треба посебно запознавање. Тие двајцата се знаат уште многу одамна, а најдобро се запознаа на онаа легендарна средба на една бензиска пумпа пред девет години.
На новајлиите Горан Милевски, Маја Морачанин и Билал Касами не им преостанува ништо освен да подголтнуваат кога Црвенковски ќе вшета во владините одаи, а сите негови поранешни партнери ќе го пречекаат како спасител.
Повеќе од авторот: Дали Заев се сопна?
Се разбира, како спасител. Кој би можел да ја спаси земјата во овој миг ако не Бранко.
Црвенковски почна да ја спасува и СДСМ и државата точно пред една година, по она озлогласено интервју на Зоран Заев за бугарски „Бгнес“. Дотогаш тој како страшниот змеј Смауг спиеше во златото грабнато од незгодните џуџиња од трилогијата „Хобит“. За Црвенковски интервјуто на Заев беше како влегувањето на Хобитот Билбо Багинс во царството на Смауг. Тоа силно злато е партијата СДСМ, а во одредена мерка и самата држава. Тој тогаш го отвори своето страшно око и побара од СДСМ расправа за ставовите на Заев затоа што тие ќе предизвикале „тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава“. Тој решил да „спие“ додека не се случи интервјуто на Заев, па во писмото до неговите сопартијци напиша дека лидерот на СДСМ направил „огромна и непоправлива штета“. Побара од Централниот одбор на СДСМ итно да донесе заклучок дека ставовите на Заев се негови лични и го замрзна членството во партијата.
Рандеву со десницата
Тогаш почна рандевуто на Црвенковски со македонската десница. Овој македонски Смауг го заврши пустошењето на неговата партија пред почетокот на кампањата за локалните избори на политичко-националистичка конференција во МАНУ. „Македонија е корумпирана држава, нема едакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема квалитетно образование во кое дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат“, рече тогаш Црвенковски.
Тој тогаш повика на создавање на национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус додека не се решат сите клучни работи во државата. Најдобро би било таа национална стратегија да ја изработат партиите, но тие биле толку раскарани што документите требало да ги подготват Академијата, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски и да им ги понудат на партиите.
Повеќе од авторот:Македонска трагедија
Со овој негов говор рандевуто со десницата се претвори во стабилна врска. А кога имаш таква стабилна врска произлегуваат многу идеи. Како со подземна и надземна помош да се урне малиот Хобит – Зоран Заев, и како змејот Смауг да го почне пустошењето на владејачката партијана овие избори. Само затоа што се обиде да буричка по неговото злато – СДСМ. А после? После ќе се обновува.
Затоа нема ништо пологично владиното коалициско друштво (старо или ново) да се обрати до него и да го замоли да се нафати на оваа сизифовска работа и да се обиде Македонија да ја извади од статусот на „корумпирана држава“. Сѐ додека не се стабилизираат работите и на избори да им ја предаде власта на пријателите од нужда – луѓето од десницата.
Зоран Заев, а и Христијан Мицкоски, би требало да размислат за оваа идеја. За добро на државата. Таа може да изгледа токму онака како што Александар со меч го пресече Гордиевиот јазол. Кој ќе отплеткува и заплеткува јазли. Вака, со еден потег сите работи би можеле да дојдат на место – и борбата против корупцијата, и една национална платформа во хипиевски стил „мир , љубов и хармонија“, и цврст гранитен став спрема Бугарија, и ќе може да кроиме иднина и без членство во ЕУ. Па кој би можел како ренесансна таписерија да ги сплети сите свилени конци на македонската политика и граѓанство ако не Бранко.
Има уште денови – партиите ја имаат извонредната можност да размислат на политичкиот маг. Тој секогаш знаел да извлече од ракавот по некој кец (Заев тоа многу добро го разбра, иако можеби не го виде на локалните избори). Всушност, Бранко Црвенковски може да се зафати и за улогата на егзорцист и конечно во догледно време да ги избрка сите зли дуси од ова општество. И без оглед дали ќе погреши, ќе знаеме дека ја направил вистинската работа.