1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абрахам: Шолц мора силно да ја притисне Бугарија

Анила Шука
9 јуни 2022

Канцеларот Олаф Шолц мора да ја притисне Бугарија да го тргне ветото за Северна Македонија во ЕУ, вели за ДВ пратеникот на опозициската ЦДУ во германскиот Бундестаг, Кнут Абрахам.

https://p.dw.com/p/4CSYR
Berlin Paneldiskussion Russia, the West, and Eurrope's Grey Zone Knut Abraham
Фотографија: DW/N. Jolkver

Веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели во разговор за ДВ, германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од редовите на ЦДУ, Кнут Абрахам. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц во петок (10.06) ја започнува мини-балканската турнеја во рамките на која, во сабота, ќе ги посети Скопје и Софија, во обид да издејствува решение за спорот меѓу двете земји и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. 

Абрахам смета дека притисокот мора да се насочи кон Софија.  

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“, вели Абрахам за ДВ. 

Во тој контекст, објаснува Абрахам, ЕУ и Германија имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото. 

„Тука мислам на очекувањата на бугарската влада од ЕУ, но и билатералните очекувања, и ние мора тоа да го искористиме за да им ставиме јасно до знаење на пријателите во Софија, дека овој проблем е таков, што мора да се решава на билатерално, а не на европско ниво“. 

Абрахам смета дека на сите земји-кандидати за членство во ЕУ треба да им се даде можност за поблиска интеграција, во прв ред економска, со Унијата уште пред да станат членки. Коментирајќи ја таквата идеја на францускиот претседател Емануел Макрон, Абрахам вели дека поентата не е тие земји да останат надвор од ЕУ, туку економската асоцијација да биде еден од чекорите кон полноправно членство.

„За нас во ЕУ е важно да разгледуваме модели во кои државите ќе усвојуваат делови од европското законодавство, особено за внатрешниот пазар, и на тој начин ќе можат да имаат корист од економските предности на Европа без да бидат полноправни членки,“ вели Абрахам.

„Таквото поврзување или членство во внатрешниот пазар е чекор кон полноправно членство, а не замена за полноправното членство“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема