1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан: Крај на една долга мисија

Свен Пеле / Е. М. Фиданоска28 декември 2014

Со крајот на оваа година доаѓа и крајот на мисијата ИСАФ во Авганистан. Билансот на најдолгата мисија, полна со најмногу загуби, е двозначен.

https://p.dw.com/p/1EAps
Фотографија: picture-alliance/AP/Massoud Hossaini

Мисијата на Меѓународните заштитни сили ИСАФ во Авганистан завршува по цели 13 години. Припадниците на меѓународните трупи со месеци ги празнат своите кампови во цела земја. Најголемиот дел од војниците и воената опрема во меѓувреме се веќе вратени во татковините.

Се‘ почна со 11 септември 2011-ва. Неколку недели по терористичките напади во САД, американската влада испрати трупи во Авганистан. По падот на талибанскиот режим, поврзан тесно со човекот кој ги влечеше конците за нападите - Осама бин Ладен, во декември 2001 година почна мисијата ИСАФ во Кабул. Подоцна подрачјето на дејствување на трупите под раководство на НАТО се прошири на целата земја. Имаше период кога на Хиндукуш беа стационирани дури 130.000 војници од околу 50 земји. На крајот на најдолгата мисија, која истовремено донесе најголеми загуби во историјата на НАТО, се поставува прашањето за успехот или пропаѓањето на меѓународниот ангажман.

2001: големи очекувања; 2014: претпазлив оптимизам

Мисијата имаше мандат на ОН и амбициозни цели - да се обезбеди стабилност, да се даде поддршка на обновата на Авганистан и земјата да се демократизира чекор по чекор. Освен тоа, војниците требаше да спречат земјата да стане повторно место каде што ќе се кријат меѓународни терористи.

Übergabe der Sicherheitsverantwortung in Südwest-Afghanistan
Предавање на одговорноста за безбедноста во југозападен Авганистан (октомври 2014.)Фотографија: picture-alliance/dpa/MOD/Sergeant Obi Igbo

„Го постигнавме она што го сакавме“, оцени генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг непосредно пред повлекувањето на трупите. Има додуша и натаму предизвици, но „нашите нации се побезбедни и Авганистан е посилен“, рече Норвежанецот.

Во меѓувреме е постигната посакуваната персонална јачина на аванистанските безбедносни сили. Сега земјата има 350.000 полицајци и војници. Тие од странските трупи постепено ја преземаа одговорноста за безбедноста. Талибанците и другите бунтовници, особено по зголемувањето на големината на трупите од страна на САД, претрпеа големи загуби од 2009 година до денес.

Сепак, тие не се одлучувачки воено поразени. „Земјата не е безбедна“, оцени поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи уште во октомври 2013 година. Вести за напади врз вјници и полицајци има секојдневно, дури и непосредно пред повлекувањето на главниот дел од меѓународните воени сили.

„Војната не е завршена“

„Мисијата на ИСАФ не го реши главниот проблем во Авганистан“, нагласува Томас Рутих, кодиректор на Afghan Analyst Network со седиште во Кабул и Берлин. „Војната се‘ уште не е завршена. Не успеа уништувањето на талибанците, бутновниците се проширија на територија на цела земја, а нивото на насилство во Авганистан од 2010 година наваму е повисоко отколку во годините претходно.“

Afghanistan Spezial Einheiten der afghanischen Armee
Специјални единици на авганистанските безбедносни силиФотографија: dapd

За време на меѓународната мисија загинаа повеќе од 3400 војници, меѓу кои и 55 Германци. Бројот на убиени припадници на авганистанските безбедносни сили од преземањет на одговорноста за безбедноста постојано се зголемува. Само годинава, до средината на ноември, се убиени околу 6000 авганистански полицајци и војници.

Иднината нејасна

Што останува по повлекувањето на мнозинството припадници на меѓународните трупи? На листата на американскиот тинк-тенк Fund for Peace за пропаднати држави, Авганистан е на седмо место во светот. Според Транспаренси Интернешнал, земјата е меѓу најкорумпираните во светот. Освен тоа, Авганистан е најголемиот производител на опиум во светот. Германската тајна служба БНД неодамна предупреди од драматични последици од производството на дрога по безбедноста и економијата на Авганистан.

Afghanistan Polizei Selbstmordattentat in Kabul 13.12.2014
Авганистански полицајци на местото каде што беше извршен самоубиствен напад во Кабул, 13.12.2014Фотографија: REUTERS/Omar Sobhani

Земјите кои имаат испратено војници во Авганистан се надеваат дека со мисијата Решителна поддршка, која следува по ИСАФ, ќе биде постигната консолидација на напредокот. Во рамки на советодавната мисија на обука, 12.000 странски војници треба да ги обучуваат авганистанските безбедносни сили. Меѓу инструкторите се и 850 Германци и околу 9000 Американци. Американскиот генерал-потполковник Џозеф Андерсон за весникот „Њујорк Тајмс“ изјави дека не е ниту оптимист ниту песимист што се однесува до блиската иднина во Авганистан. „Факт е дека во иднина ќе бидеме присутни на помалку места со помалку персонал. Тоа очигледно е причина за загриженост.“