1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Австралија ја поништи визата на Ѓоковиќ

ЕМФ | агенции
14 јануари 2022

Австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук го искористи своето дискреционо право и му ја анулираше визата на тенисерот Новак Ѓоковиќ.

https://p.dw.com/p/45WMA
Australien | Novak Djokovic beim Training in Melbourne
Фотографија: James Ross/AAP/dpa/picture alliance

За прогласување на визата на Новак Ѓоковиќ за неважечка има добри причини и тоа е „во јавен интерес“, соопшти денеска австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук.

Со тоа учеството на тениската ѕвезда на турнирот Австралија Опен сѐ уште не е дефинитивно исклучено, поради тоа што 34-годишниот Ѓоковиќ може да поднесе жалба.

Случајот Ѓоковиќ ги бранува не само тениските води во Австралија и светот веќе една недела. Тој не е вакциниран против коронавирус и се смета за спорна личност во Австралија, земја која презема остри мерки за сузбивање на пандемијата.

Австралиските власти одбија да го пуштат Ѓоковиќ уште кога тој пристигна на аеродромот во Мелбурн, на 5 јануари. Според граничните власти, документите со кои тенисерот докажувал медицински исклучок, врз основа на што треба да му биде дозволен влез во земјата, не биле доволни. Меѓутоа, со оглед на тоа што на Ѓоковиќ не му било оставено доволно време да реагира, судот во Австралија пред неколку денаја поништи одлукатаза забрана за влез на тенисерот. Оттогаш Ѓоковиќ тренираше нормално и се подготвуваше за турнирот, каде е бранител на титулата.

Australien | Novak Djokovic in Melbourne
Новак Ѓоковиќ на тренинг во Австралија (10.01.2022)Фотографија: Social Media Screenshot/Avalon/Photoshot/picture alliance

Австралиската влада најави дека разгледува натамошни чекори во случајот Ѓоковиќ, кој се претвори во товар и за политиката во земјата која беше во локдаун со месеци.

Во средата (12.01) Ѓоковиќ се изјасни во врска со неговиот контроверзен корона-тест. Тој на Инстаграм објави дека во неговиот формулар за влез во Австралија била направена грешка, но за тоа ги обвини своите соработници. Формуларот бил исполнет „во негово име од страна на тимот“ кој се грижи за него, тврди тенисерот. Тоа им го кажал и на надлежните за влез во Австралија при пристигнувањето, тврди Ѓоковиќ: „Мојот агент искрено се извинува“, додава тој. Станува збор за „човечка грешка и сигурно не се работи за намера“.

-повеќе: Србија: Сага околу националниот херој Ѓоковиќ без критички прашања

Ѓоковиќ призна и дека и покрај тоа што имал позитивен резултат на корона-тестот, кој инаку датира од 16 декември, тој на 18 декември се сретнал со новинарот на францускиот спортски весник L'Equipe. Вели дека се чувствувал „обврзан“, затоа што не сакал да го „разочара“ новинарот.

-повеќе: Во мечот меѓу Ѓоковиќ и Австралија нема да има победник

Медиумите објавија и дека ден по неговиот позитивен тест, Ѓоковиќ се појавил на тениска манифестација за млади и на церемонија на претставување на поштенска марка со неговиот лик. На двете манифестации не носел маска. Ѓоковиќ во својата реакција соопшти дека за резултатот од тестот дознал по учеството на тениската манифестација за деца. Церемонијата со претставувањето на поштенската марка не ја спомнува.