Австрија се надева на брзо решение за името
8 јули 2011„Австрија верува дека Македонија треба со брзи чекори да се приближи до ЕУ. Затоа, Австрија се надева и на брзо решение за името“, забележува за Дојче веле портпаролот на министерството за надворешни работи во Виена, Александар Шаленберг. На вчерашната средба на грчкиот министер за надврешни работи, Ставрос Ламбринидис со неговиот австриски колега, Михаил Шпинделегер, неколку минути се зборувало и за македонско-грчкиот спор. Грчкиот министер информирал за подготвеност да се дојде до договор и дека се работи на постигнување решение за спорот.
На прес – конференцијата по состанокот, Шпинделегер потсети дека Австрија и Грција заеднички бараат од ЕУ да се постави временска рамка за прием на земјите од Западен Балкан во Унијата. Ламбринидис додаде дека приемот на земјите од регионот е суштински за мирот и стабилноста на Балканот и Европа. „Ние ќе дадеме се што е во наша моќ да не запре процесот на проширување“, убедуваше Ламбринидис.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски