1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автобраншата - првак во измами

Хенрик Беме
30 јануари 2018

Дизел-манипулации, картелско договарање, а како круна на сето: експерименти со мајмуни и луѓе кои инхалирале токсични гасови. Се чини, германската автоиндустрија не се воздржува од ништо. Сѐ погласно се бара одговорност.

https://p.dw.com/p/2rk7i
Symbolbild Dieselskandal Automobilindustrie
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Мајмуни затворани во мали комори, во кои се вршел довод на гас, азот диоксид.  Луѓе изложувани на високи концентрации на дизел-гасови.  Овие тестови биле вршени по нарачка или со поддршка на одделение за испитување од германската автомобилска индустрија. Секако, кај многумина ова предизвикува стравични сеќавања, асоцијации на гасните комори во Аушвиц-Биркенау, на акцијата Т4- усмртување со гас, спроведена од нацистите, чија жртва беа 70.000 инвалиди. Сеќавања на најмрачното поглавје од германската историја.

А искрено мислевме дека предводникот на германската индустрија, автопроизводителите, го има веќе достигнато дното, дека не може да биде полошо. Она што почна како дизел афера на Фолксваген во САД, а во меѓувреме опфати и други автомобилски производители и се прошири кога магазинот „Шпигел“ летоска разоткри со години вршени манипулации, сега достигнува нов степен на ескалација. 

Повеќе на темата: 

Чист воздух без забрана за возење?

Новите автомобили загадуваат повеќе отколку што се тврди

Кризните ритуали одлично функционираат

Без оглед што допрва претстои разјаснување на обемот на вршените експерименти со луѓе, кои може да се испостават и како сосема безопасни (здрави луѓе три часа во канцеларија изложени на токсични дизел-гасови, на кои оние кои живеат на сообраќајно фреквентна улица се секојдневно многу поинтензивно изложени), сепак, целата работа е глупава и заслужува презир.

По обелоденувањето на најновите скандали, може да се констатира следното: увежбаните ритуали на автомобилските производители во меѓувреме функционираат вистински добро. Дајмлер брзо се јави со реакција дека таму се „шокирани од она што е сторено во име на германската автоиндустрија“, дистанцирајќи се - во експериментите не се употребувани автомобили на концернот. Се дистанцираше и БМВ, декларирајќи огорчено спротивставување на секакви тестови со животни, согласувајќи се дека проектот требало да биде стопиран. Малку потраа додека во агол беше дотеран и Фолксваген, па се извини за „грешките на поединци“. Сите заедно најавија опсежна истрага за тоа како воопшто можело да се случи такво нешто.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Огромно лицемерие од Волфсбург до Штутгарт

Како само можело да се случи тоа? Навистина глупаво прашање. Дотолку повеќе што токму овие тројца автопроизводители, заедно со фирмата-лиферант на делови, Бош, во 2007. година го основаа Европското истражувачко здружение за екологија и здравство во транспортниот сектор, ЕУГТ. Оваа институција, која не беше ништо друго освен лоби-група која на кампањата за чист дизел на германските автопроизводители требаше да ѝ даде научна „боја“, е нарачател на серијата спорни експерименти. Таа ја поддржала и студијата со луѓе-доброволци, што првично воопшто не била планирана за автоиндустријата, но одлично се вклопила, со оглед што кај тестираните лица не била докажана никаква реакција на инхалираните токсични гасови, како што може да се прочита во извештајот на ЕУГТ.

Во Управниот одбор на ова дубиозно, во меѓувреме одамна расформирано Истражувачко здружение, се разбира, членуваа високорангирани менаџери на автоконцерните. Но, слично како и во дизел-скандалот, аргументацијата е следната: највисокото раководство немало поим, за сето тоа бил запознат само одреден круг луѓе. Ќе бидат најдени жртвени јарци, како во САД осудениот менаџер на Фолксваген, Оливер Шмит, и работата е завршена. Остатокот од трупата недолжно си ги мие рацете. Германските автоконцерни се вистински херои во мамење, блефирање, прикривање.

Единствено чудно е само тоа што се чини дека на муштериите тоа не им пречи. Во 2017. година Фолксваген оствари рекордна продажба, Дајмлер исто така. А во германските велеградови луѓето на улиците вдишуваат загаден воздух во концентрација на која никогаш не биле изложени ниту мајмуни ниту човечки учесници во соодветни експрименти.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58