Автопат во ќорсокак
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид која започна во 2014 година е запрена. Дали и кога ќе продолжи е неизвесно. Извесно е дека делницата нема да биде готова пред октомври 2019 година, а цената ќе биде далеку повисока.
Контроверзен проект
Уште од самиот почеток, целата постапка околу изградбата на автопатот беше обвиена во контроверзи. Наместо преку тендер, поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ одлучи договорот за изградбата на двете делници со кинеската компанија Синохидро: Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, да го протурка со закон преку парламентот.
Проект вреден над половина милијарда евра
Со договорот за изградбата на двата автопати беше предвидено тие да чинат 579 милиони евра- обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка. Делницата Миладиновци-Штип е со должина од 47 километри, додека автопатот Кичево-Охрид е со должина од 57 километри. Изградбата започна во мај 2014 година.
Редица грешки и пропусти
Иако од почетокот на годинава беше познато дека изградбата на делницата Кичево-Охрид е во застој, информациите до јавноста за бројните проблеми протекоа дури по промената на власта. Во извештајот на надзорот се наведуваат сериозни грешки и проблеми во проектирањето и во реализацијата на проектот. Проценките се дека ќе бидат потребни дополнителни 130 до 150 милиони евра за да се заврши автопатот.
Проблематични косини и тунели
Најголеми грешки се утврдени во проектирањето на трасата, косините на автопатот, како и кај тунелите. Санација на штетите или комплетно нова траса? Одговорот на ова прашање ќе треба да го дадат експертите. Новата влада спроведува комплетна ревизија на проектот, но ќе мора да одлучи дали и како ќе ја финансира финансиската дупка која се јави при изградбата?
Неизвесен крај
Според актуелните проценки на Министерството за транспорт, во оптимистичко сценарио делницата Кичево-Охрид најрано може да биде завршена до октомври 2019 година. Пореалистична е варијантата дека изградбата ќе се одолжи до средината на 2020 година. Автопатот Миладиновци-Штип, пак, би требало да биде готов до втората половина на следната година.
Одговорност за пропустите?
Премиерот Зоран Заев веќе најави стопирање на проектот додека не завршат сите ревизии и проценки на штетите. Заев ќе мора да преговара со кинеската страна за продолжување на роковите и начинот на кој ќе се финансираат новите трошоци. Случајот го истражува и СЈО, а меѓу обвинетите во случајот „Траекторија“ е и поранешниот премиер Никола Груевски.