1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегиски урнатини со симболично значење

Роман Гончаренко/З.Јордановски20 јануари 2015

Аеродромот во Доњецк е место на најжестоки борби во источна Украина. Уште од април 2014 проруските сепаратисти се обидуваат да го освојат, оти тој е на некој начин клучен за судбината на градот.

https://p.dw.com/p/1ENJH
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Chernov

„Нема војна во која може да се победи“ - ова е стих од антивоената песна „Руси“ на британскиот рок-музичар Стинг, објавена во 1985 година. Во неа тој обработува музика на советскиот композитор Сергеј Прокофјев. Името на Прокофјев сега, триесет години подоцна, е во корелација со една друга војна: така се вика аеродромот во градот Доњецк, кој е арена на борби меѓу проруските сепаратисти и украинската армија. Билансот досега е: стотици мртви на обете страни и уништена инфраструктура, а нема јасен победник. Особено тешки борби се водат од средината на јануари. Постојано се во акција десетици тенкови и тешка артилерија.

Аеродромот потсетува на апокалиптични сцени од компјутерски игри: урнати делови од згради, поцрнети изгорени урнатини, искривени челични конструкции. Вчера (19.01.2015) на сепаратистите им успеа да кренат во воздух делови од првиот кат на новиот терминал. Пред една недела, по интензивно гранатирање, се урна контролната кула.

Kämpfe beim Flughafen Donezk 03.01.2015
Борби на аеродромотФотографија: AFP/Getty Images/V. Maximov

Две села со судбинско значење

На интернет-страницата на аеродромот ништо од тоа не може да се забележи, се чини како времето таму да застанало. Во рубриката „Аеродромот денес“ се гледа новиот терминал со гигантската скалена фасада, предаден во употреба во 2012 година по повод Европското првенство во фудбал. Една кратка белешка поставена на крајот на мај информира дека веќе нема летови и оти аеродромот е под контрола на украинската армија, која таму спроведува „антитерористичка акција“.

Во Киев украинската влада тврди дека и денес е така. Проруските сепаратисти противречат. „Ние имаме контрола на над 95 проценти од аеродромот“, вели Александар Захарченко, водач на самонаречената Доњецка Народна Република. Такви победнички вести од него имаше и порано, но се покажаа како преуранети.

Овојпат изгледа дека е поинаку. Сепаратистите во последно време значително ги интензивираа нападите врз аеродромот и се чини дека постигнаа и успех. Украинската армија на тоа реагираше со контраофанзива. Исходот уште е неизвесен. Украинските борци досега можеа да ја издржат тешката канонада првенствено во подземните постројки на аеродромот. Остри борби се водат и за двете ближни села Писки и Авдијивка. Нив досега ги држеа украинските трупи како маршрути за снабдување. Таму веројатно ќе се решава судбината на аеродромот.

Luftaufnahmen vom Flughafen Donezk 15.01.2015
Снимка од воздух на аеродромот во ДоњецкФотографија: Reuters/Army.SOS

Поволна положба близу до градот

Аеродромот во Доњецк во моментов е место на кое се водат најсилни борби во конфликтот во источна Украина. Поради неговата положба тој е еден вид клуч за милионскиот град Доњецк во срцето на ревирот со јагленокопи Донбас. Аеродромот се наоѓа на само десет километри од центарот на градот. Реновирањето чинеше околу 870 милиони долари. Благодарение на новата писта, тој можеше да прима речиси секаков тип на авиони. Поради близината до упориштето на сепаратистите, тој е стратегиски важен за обете страни. Украинската влада сака безусловно да го задржи. „Ако се откажеме од Доњецк, непријателот ќе стигне до Киев или Л’вов“, рече неодамна украинскиот претседател Петро Порошенко.

Уште во април 2014 сепаратистите два пати се обидоа да го заземат ародромот и беа одбиени. При третиот обид во ноќта спроти 26. мај им успеа да го освојат новиот терминал без испукан куршум. Тоа беше ноќта по предвремените претседателски избори во Украина, кога Порошенко беше избран за шеф на државата.

Но, и тогаш армијата успешно возврати. Повеќе од 100 сепаратисти мораа да побегнат и според сопствени наводи загубија речиси половина од борците, најголемиот дел од нив од Русија. „Тоа беше најлоша акција“, напиша подоцна еден добро информиран блогер од таборот на сепаратистите. Никој не сметал на тоа дека „украинската армија од воздух ќе го нападне толку скапо градениот ародром“.

Кратко примирје пред Нова година

По спогодбата за прекин на огнот потпишана од сепаратистите и владата во Киев во септември во Минск, во источна Украина стана помирно. Еден од малкуте исклучоци беше аеродромот во Доњецк, каде речиси секојдневно се пукаше и гинеа луѓе. Само непосредно пред Нова година имаше едно релативно примирје. Сепаратистите дури дозволија да биде извршен дотур за војниците на аеродромот и да бидат однесени ранетите. Сега му е ставен крај на тоа.

Украина ги слави своите „киборзи“

Обете страни го користат аеродромот и за пропагандни цели. Ако во Украина некој го слушне зборот „киборг“, не мисли на борбените хуманоидни роботи од американскиот акционен филм „Терминатор“, туку на борците на аеродромот во Доњецк. Од септември нив во украинските медиуми и на социјалните мрежи ги слават како херои. При едно врачување на одликувања на војниците-борци од Доњецк, претседателот Порошенко рече дека за „киборзите“ ќе пишува и во книгите по историја.

Screenshot YouTube NovorossiaTV Mishail Poretschenkov
Рускиот актер Михаил ПореченковФотографија: YouTube

Кај сепаратистите се обидува да се инсценира рускиот актер Михаил Пореченков, кој радо себе си се претставува како руски Арнолд Шварценегер (актерот кој го толуваше главниот лик во „Терминатор“, н.з.). Тој беше сниман на аеродромот во Доњецк како пука врз украинските позиции од автоматска пушка со голем калибар.