1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тирана: ЕУ нема да поддржи суспензија на безвизниот режим

Ани Руци | агенции
17 април 2019

Холандскиот парламент гласаше за враќање на визите за Албанците. Официјална Тирана смета дека Европа нема да даде поддршка за суспензија на безвизниот режим за граѓаните на оваа земја.

https://p.dw.com/p/3GwlS
Symbolbild Albanien & EU
Фотографија: picture-alliance/picturedesk.com/H. Ringhofer

Холандската амбасада во Тирана официјално соопшти дека „холандската влада била задолжена од страна на холандскиот парламент за суспензија на механизмот на безвизно патување за Албанците“. Во соопштението се додава и дека визната политика за албанските граѓани во Холандија „во моментов не е променета“.

Соопштението на холандската амбасада во Тирана дојде по информацијата за вчерашното гласање во холандскиот парламент за враќање на визите за албанските граѓани во Холандија како последица на „порастот на криминал“ од страна на Албанците кои доаѓаат во Холандија.

Министерството за надворешни работи во Тирана вчеравечер соопшти дека „гласањето во холандскиот парламент, со кое од ЕУ се бара воведување постапка за времено укинување на визната либерализација, не менува ништо во правилата за движење во Шенген-државите. Албанските граѓани и натаму можат да се движат слободно во Шенген-државите, соодветно на актуелната пракса и почитувањето на важечките правила.“

München Flughafen Albanien Visum
Фотографија: DW

Во соопштението на Министерството уште се вели: „Една членка на ЕУ може од Европската комисија да побара постапка за суспензија на безвизното патување само врз основа на условите содржани во ЕУ-регулативата“. Оттука, Министерството е уверено дека „одлуката на холандскиот парламент нема да добие поддршка“, поради тоа што во случајот со Албанија „не е исполнет ниту еден од критериумите за укинување на безвизниот режим“.

Албанскиот претседател Илир Мета смета дека одлуката на холандскиот парламент претставува аларм, кој ги „рефлектира барањата за поефикасна борба против организираниот криминал“. Мета изразува и загриженост дека ваквата одлука би можела да има домино-ефект, односно дека Албанија би можела да биде соочена со вакви барања и од други ЕУ-земји.

Барањето на холандскиот парламент за суспензија на безвизниот режим за албанските граѓани е упатено до холандската влада, која, доколку го одобри, потоа ќе го испрати до Европската комисија. За време на дебатата во парламентот пратениците рекоа дека има зголемување на криминалните активности на албанската мафија во Холандија и дека овие криминални организации ја злоупотребуваат можноста да патуваат во Европа без визи.

Niederlande Parlament in Den Haag
Парламентот во Ден ХагФотографија: imago/J. Tack

Мерката „вонредна сопирачка" се предвидува со Регулативата ЕК 1289/2013 и дозволува суспензија на безвизниот режим за државјаните од третите земји во одредени околности кои се сметаат за „вонредни ситуации" и може да биде воведена со мнозинство гласови од членовите на Европската комисија.

Се смета дека владата на Холандија тешко ќе може да го игнорира барањето од парламентот, поради тоа што него го иницираа пратеници од полиитчките партии кои се дел од владеачката коалиција. Сето ова фрла сенка врз надежите на Албанија за почеток на преговори со ЕУ во јуни или неколку месеци потоа.