1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија: „Ги дофативме децата и трчавме!“

Ани Руци
27 ноември 2019

Со олеснување и аплауз реагираат мештаните секој пат кога некој жив ќе излезе од урнатините. Солзи и очај кога ќе биде пронајдено безживотно тело. Репортерката на ДВ во Туман, кој беше тешко погоден од земјотресот

https://p.dw.com/p/3Tqqk
Albanien nach Erdbeben
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Состојбата беше конфузна со часови по првиот потрес. Спасувачките екипи и механизацијата се насекаде, пристигнуваат и од соседните земји и работат што побрзо можат- тука и секундите решаваат за животот и смртта. Во Туман, на 30-ина километри северно од Тирана и Драч, блокирани се речиси сите приоди кон урнатите куќи. Полициски кордон го чува патот.
Еден човек со насолзени очи се надева дека жената и синот ќе бидат спасени живи. Целото семејство го дочекало земјотресот на третиот кат, во својот стан. Се обидувале да се симнат кога подот се урнал и ги однел сопругата и детето во длабочината.

Сместување за преживеаните

Артур Буши, градоначалникот на Корча, се обидува да воведе некаков ред. Организирано е сместување за луѓето кои го загубиле кровот над главата. „Приоритет е спасување на човечките животи“, вели тој за ДВ.
„Од првиот момент кога удри земјотресот ние како заедница ги збивме редовите. Добивме поддршка од Тирана и од бројни околни земји. Солидарноста е голема. Ќе престанеме со работа дури откако ќе ги отстраниме и последните урнатини. Се надевам дека ќе најдеме уште преживеани“, вели Буши. Властите планираат да се договорат со хотелите во Драч и Љеш за сместување на погодените семејства.
Во вторникот вечерта на локалното фудбалско игралиште веќе беа поставени првите шатори. Семејството Тороцино живеело на највисокиот кат во една зграда во Туман. Урнатините се уште се пребаруваат. Ибије Тороцини, мајка на две деца имала среќа.
„Се уште сме во шок. Децата постојано се тресат. Земјотресот не затекна во сон. Целата зграда се тресеше. Мажот и јас ги дофативме децата и истрчавме низ вратата, но таа беше блокирана. Земјотресот ја урнал витрината која паднала токму пред вратата“, раскажува таа. Низ плафонот во станот им паднал и колекторот за вода од кровот на зградата. „Некако ја отворивме вратата и трчавме да си ги спасиме животите. Неколку моменти откако се најдовме на сигурно, целата зграда се распадна“, вели Тороцини.

Голема солидарност

Семејството на Клевица Тока исто така имало среќа. „Ние успеавме, но многу соседи не успеаја. Се молам се уште да се живи“. Стравот е сеприсутен. По главниот земјотрес од 6,4 степени по Рихтер следуваа уште стотици афтершокови и помали потреси.
Трагедијата разбуди невидена солидарност. Унесреќените луѓе се трогнати со поддршката од соседството, од Косово, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Грција. Албанските медиуми постојано известуваат за тоа. На многу места се собираат облека и намирници.
Според последните информации, во земјотресот загинале 30 луѓе, но се стравува дека тоа не е конечниот црн биланс. Во Косово и Албанија прогласен е ден на жалост.